Штип, 28.07.2017
Внатрешната иницијатива за демократски реформи во ВМРО ДПМНЕ организираше панел дискусија и во Штип. Актерите кои сакаат да ја видат својата партија како демократска, рекоа дека нивна цел не се никакви високи позиции во партијата туку единствена цел им е нивната партија да се демократизира, членството да се чувствува слободно во изразување на своите ставови, изборот на личности за раководни позиции во партијата, на државно но и на локално ниво да биде исклучиво привилегија на членството, а не како што тоа е досега за тоа да одлучува само врвот на партијата.
„Постојано сме на терен, меѓу нашите членови, кај најголем број од нив ја имаме поддршката за нашата цел, иако, да бидам искрен, сеуште кај добар дел од членството постои страв,песимизам, неверување дека демократизацијата ќе ја изведеме лесно. Ние насекаде повторуваме дека нашата иницијатива ја водиме внатре во партијата, ништо не правиме надвор од неа, цврсто веруваме во успехот на она зад кое застанува се поголем дел од членството. Едноставно, оваа иницијатива е осудена на успех“, рече Петар Богоески, еден од иницијаторите.
Штипјанецот Панче Стефановски рече дека се приклучил кон иницијативата зашто по победата на последните избори ВМРО ДПМНЕ не успеал да создаде влада. Според Стефановски тоа предизвикало многу незадоволство кај членството.
„Кај нашето членство видов големо незадоволство од начинот на кој се носат сите одлуки без тие за било што да се прашаат. Партиските другари од Иницијативата излегоа со нови, современи идеи за демократизација на ВМРО ДПМНЕ во што и јас се најдов и сум убеден дека ќе направиме добра работа како за партијата исто така и за државата“, порача Стефановски.
Присутните на панел дискусијата за одлична ја оценија изјавата на нивниот генерален секретар Емил Димитриев според кого некои луѓе цели десет години се во врвот на ВМРО ДПМНЕ и на други клучни места за државата, и дека е време тие малку да одморат, а на нивно место да дојдат нови луѓе со нови, свежи идеи.
„Ние тоа го оценуваме како реакција на реален вмровец кој е загрижен за случувањата во неговата партија. Очекуваме 80 проценти од членството да размислува на ваков начин“, рече Богоески.
Според него, Штип е втор град во кој Иницијативата прави панел дискусија за горливото прашање во однос на темелните промени во ВМРО ДПМНЕ. –„Нашата партија најголемите победи ги остварува во третата изборна единица во која е и Штип, имаме голема доверба во нашето штипско членство, сега повеќе вмровски членови слободно дискутираат и во овој град, а тоа е најдобар знак дека нештата одат во посакуваната насока“, укажа Богоески.
На новинарско прашање зошто спомнуваат многу имиња но не и името на главниот човек во оваа пикантна политичка приказна, а тоа е Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ, Богоевски со насмевка рече дека тие него не го имаат заборавено.
„Oд Никола Груевски имавме многу некоректен однос. Но ние и понатаму го каниме да се појави на нашите панел дискусии. Очекуваме дека наскоро ќе ни се приклучи и дека ќе постапи како што постапи нашиот генерален секретар Димитриев. Ние со Груевски се сметаме за рамноправни членови на партијата, како и секој друг, но сакам да порачам дека како Иницијатива од него имавме еден многу некоректен однос. Сепак, тој знае колкава поддршка имаме кај членовите на ЦК, меѓу дел од пратениците…На крајот од краиштата сето ова ќе резултира со отворен процес на слободни дискусии, на решавање на сите важни прашања во една демократска процедура“, рече Богоески..
Во однос на претстојните локални избори, луѓето од Иницијативата кои беа на панел дискусијата во Штип, а тоа покрај Богоески и Стефановски беше и Дејанчо Стојменов од Делчево, рекоа дека тие имаат своја филозофија како да се спроведат изборите, а притоа да не се создаде антагонизам помеѓу припадниците на Иницијативата и другото вмровско членство. Во престојниот период Иницијативата ќе го охрабрувала членството со својата нова енергија да се заокружи процесот на демократизација, членството во секоја општина само да си ги избира кандидатите со градоначалници и советници, а не како што тоа се правело досега за сите работи да одлучува само еден човек.