30.01.2019
Селото Полето и приградската населба Басарица во Делчево ќе добијат улично осветлување. Деновиве екипи на ЈПКД „Брегалница“ започнаа со монтирање улични светилки по претходно поставено електрично броило. Вкупната инвестиција е од Буџетот на Општината, а ќе се монтираат улични светилки во реонот од трафостаницата до патот за селото Црквенец, а бројот на поставени светилки ќе зависи од потребата за постигнување максимално осветлување во населбите.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека со реализацијата на овој проект се решава децениски проблем на жителите од овие две населби кои прв пат добиваат улично осветлување.
-Кога е во прашање уличното осветлување во населбите, можам да истакнам дека тоа задоволува и дека селските наслеби во општината имаат улично осветлување. Селата од разбиен тип, исто така, се решаваат согласно со условите во овие населби. Со реализацијата на овој проект решаваме едно клучно прашање за жителите, а во периодот што следува ќе работиме и проекти од областа на инфраструктурата со што сакаме да придонесеме за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Трајковски.
Инаку, кога е уличното осветлување во прашање, Општина Делчево постави 760 улични штедливи светилки во градот и во 7 села, Габрово, Вирче, Град, Стамер, Разловци, Ѕвегор, Тработивиште, во рамките на проект кофинансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Со реализацијата на овој проект, Општина Делчево штеди енергија од уличното осветлување и до 70%, а за 30% е зголемен броојот на електрични светилки во јавното осветлување.
(д.т.)