Од Иницијатива „Нула“ донираа ПП апарат на тетовскиот суд и Обвинителство и најавија протест в понеделник

Со поставување противпожарен апарат пред Обвинителството и Судот во Тетово, денеска од Иницијативата „Нула“ најавија протест кој ќе се одржи во понеделник во Тетово, на кој ќе побараат одговорност за трагедијата во Кочани и пожарот во модуларната болница, пишува Порталб.мк.

Фото: Порталб.мк

Иницијативата „Нула“ денеска донираше противпожарен апарат за Обвинителството и Судот во Тетово, како што велат, поради тоа што кај нас многу објекти се запаливи.

„Им го донираме овој противпожарен апарат, не само заради нивната безбедност, туку и за да ја симболизираме итната потреба за правда во нашата земја“, изјави Бленди Ходаи од Иницијативата.

Фото: Порталб.мк

Младите од оваа Иницијатива им се обратија на судиите и обвинителите во Тетово и пошироко.

„Вие имате важна задача да ја откриете вистината, да ги изнесете пред лицето на правдата и да ги ставите зад решетки сите вистински виновници за трагедијата во Кочани каде загинаа 59 млади луѓе, за пожарот во модуларната болница во која загинаа 14 пациенти, за несреќата на „Беса Транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 граѓани и „Дурмо Турс“ во Ласкарци, која однесе 16 животи, како и за многу други трагедии кои поминале неказнето“, рекоа младите.

Според нив, неказнивоста носи институционална неодговорност и во исто време и многу други трагедии.

„Ваша должност е да ги изведете пред лицето на правдата судиите и обвинителите кои ја попречувале правдата во горенаведените случаи и во многу други случаи“, рече Ходаи.

Тие за понеделник во 12:30 часот најавија протест во Тетово, со почеток од плоштадот „Илирија“, до Судот во Тетово, за да побараат правда за пожарот во Кочани и за модуларната болница.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе