Кочани – Институтот за ориз во Кочани, кој неколку децении беше бренд меѓу научните институции во државата, е пред колапс. Ако во време на бившиот систем во него работеле 28 лица, меѓу кои и доктори на науки, денес во некогашниот институт со сега променето име има само двајца доктори на земјоделски науки и еден правник.
Д-р Добре Андов и д-р Даница Андреевска
Институтот потекнува од 1927 година, а погледот на зградата на крајот од градот, сама по себе зборува за руинираноста на институцијата. Нема научен подмладок, нема ресурси за вистинско бавење со научна дејност. Даница Андреевска, доктор по земјоделски науки кон крајот на годинава фаќа услов за пензија, а нејзиниот колега Добре Андов има 57 години.
-Во 1999 година нашата институција влезе во состав на јавните научни установи во државата како единица за ориз при Замјоделскиот институт во рамките на УКИМ. Од 2006 година наваму многу тешко функционираме зашто немаме кадар, а и финансиските средства кои ги добиваме не се на потребното ниво. Земјоделскиот институт редовно бара кадар, но ако нешто биде одобрено приоритет добива Скопје. Кочани е тотално запоставено. Ние само инсистираме да добиеме млад научен кадар, зашто за некој да се стекне со титула доктор на науки за да може да се бави со научна дејност неопходно е 4-5 години да работата со искусен стручен кадар.
Иван Бојаџиски