Охрид, 11. јули 2017
- Во Охрид ќе продефилираат над 200 уметници од светот, додека на годинешната програма се застапени вкупно 57 фестивалски вечери
Утревечер, од 21 часот, на отворената атрактивна сцена од Античкиот театар во Охрид, свечено ќе биде отворен фестивалот „Охридско лето“, годинава 57. по ред. Фестивалот традиционално се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија.
Честа, годинава, први да ја подигнат фестивалската завеса им припадна на изведувачите од светски реномираниот смут џез-квартет од САД „Форплеј” во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија.
„Форплеј” џез квартет го сочинуваат: Боб Џејмс (клавијатури), Неjтан Ист (бас), Чак Лоуб (гитари) и Харви Мејсон (тапани). Со Оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира Емин Џијан
-Соединети заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на публиката и најавуваме несекојдневно музичко доживување со нашиот посебен и препознатлив звук, џез спектаклот, што ќе го паметат долго, најавија, од денешната прес конференција, афирмираните американски изведувачи. Тапанарот Харви Мејсон, сакаше посебно да потенцира дека дошол во земја за која прочитал во Библијата, Македонија ја нарече библиска земја, а го нагласи и личното задоволство што ќе соработува со Оркестарот на Македонската филхармонија.
Директорот на Охридско лето Оливер Арсовски, информираше дека од утревечер и наредните 40 дена, во Охрид ќе продефилираат над 200 уметници од светот, додека на годинешната програма се застапени вкупно 57 фестивалски вечери. Тој посебно нагласи дека за прв пат во историјата на Летото тоа се отвора со џез изведба, а такви ќе има уште 4 до крајот на програмата.
Арсовски, исто така, информираше дека за концертот на „Форплеј” џез квартет, владее огромно интересирање во земјата и регионот, и дека, практично, утре во Охрид ќе се собре џез елитата на џез вљубениците од Балканот.
Покровителот на фестивалот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето“ и членовите на џез-квартетот „Форплеј“.
Иванов, утревечер ќе се обрати на свеченото отворање на 57. издание на фестивалот „Охридско лето“.
(в.м.)