Патот Истибани-Делчево се средува со 6 милиони евра
Кочани, 11.06.2018
Шест милиони евра издвојува државата за конечно решавање на еден од најопсаните патни правци во државата Истибани-M.Kaменица – Делчево во должина од 30 километри. Оваа информација беше доставена денес до јавноста при посетата на министерто за транспорт и врски Горан Сугаревски на Кочани и на спомнатата патна насока. Сугаревски беше придружуван од Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, и градоначалниците на општините Кочани и Виница Николчо Илијев, односно Ивица Димитров.
Забрзано и квалитетно се работи на делница долга 30 км, од која остануваат да се доработат уште 2,5 км, со 18 мостови и четири големи свлечишта, за што се наменети 6 милиони евра. Подобрувањето на овој патен правец за овој дел на Република Македонија е особено значаен затоа што ќе го подобри протокот на сообраќај од Кочани кон Македонска Каменица и Делчево, а одтаму и кон Македонско-Бугарската граница, рече директорот Китанов, кој додаде дека оваа реконструкција е една од најголемите во државата.
Министерот Сугаревски во разговор со градоначалникот на Кочани Николчо Илијев посочи дека централната власт дава сериозна поддршка и очекува сите инфраструктурни проекти во кочанско и во регионот успешно да се реализираат.
Конечно дојде ред и на еден од најзапустените патни правци во државата кој не е реконструиран над половина век…
-Патот Кочани – Делчево, на чија реконструкција се работи, не е реконструиран од 60-тите години, а тој е посебно значаен за Коридорот 8 и за Кочанскиот регион. За овој регион во наредниот период е предвидено да се вложат 70 милиони евра и тоа за реконструкција и на дел од патот Кочани – Пониква, за изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, како и за обиколницата кај Кочани – соопшти министерот Сугарески.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, реконструкцијата на патот Кочани – М.Каменица – Делчево е моментно една од најголемите во државава.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев изрази задоволство што во завршна фаза е тендерската постапка за експресниот пат од Крупиште кон Кочани, а ги најави и активностите за подготовка на проектната документација за изградба на брана на Арамиска Чешма и на доизградба на 1,7 км од патот кон браната Речани.