Штип, 18.01.2019
Центарот на Штип, просторот околу Домот на култура, стариот ректорат на УГД, хотелот Оаза, поранешниот Работнички универзитет веќе неколку дена е во знакот на песните на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов.
На поголем број стебла во овој дел на градот, запакувани во фолија, стојат песните на Шопов.
„Очи“, „Во Штип и во Жоал“, „Претсмртна песна на еден партизан“ и други ги читаат намерници и случајни минувачи. Луѓето застануваат, со интерес го вперуваат погледот во песната и – читаат.
Овој преубав концепт на доближување на литературата до граѓаните е на Националната универзитетска библиотека „Гоце Делчев“-Штип. Од библиотеката велат дека проектот кој тие го осмислиле бил поддржан од Министерството за култура со 10.000 денари. Целиот настан е во рамките на одбележувањето на 90 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.
Библиотеката направи своевиден „Парк на поезијата“ на Шопов во паркот пред Домот на култура кој го носи името на поетот. На јавен простор се поставени четириесеттина песни на поетот. Избор на песните од севкупната поезија на Шопов направи Благој Самоников, кој во некои поранешни години беше директор на Домот на култура и на чија иницијатива во овој дом е уредена посебна соба која го носи името – Спомен соба на Ацо Шопов.