Приватизација – криминализација – банализација – тривијализација…!?
Она што сега ни се случува со такавиканиот “американски тим за санкции”, паралелно, со егзалтиранста на политичарите од изјавите на новата американска амбасадорка во Скопје, може да се опише само со стиховите од песните на Ѓорѓе Балашевиќ: “ дно дна, а све је веќ виѓено…дно дна, сви трпимо постиѓено”!
Случајно, или не, во егзалтираноста, особено, се истакнува министерот за надворешни работи, кој, како паднат од небо, се буди од деценискиот зимски сон, сега, со отворени очи и сознанието дека корупцијата била системска, од портирот до министерот, а тој досега ниту чул, ниту видел! Не бил од овде!?
Шефот на дипломатијата, нека ми е зрав и жив, сака да го следи во чекор и другар ми Оливер од безбедносниот сектор, кој, ете им се става на располагање на Америте, да расчистат со злото домашно, кое досега било невидливо, се до доагањето на антикорупцискиот ангел, Ангела. На домаќините им даде време да ги наштимаат гласните жици, со тоа што, уште од Вашнгтон, пред сенатсклиот комитет, ги најави приритетите на својата мисија во Скопје.
Сепак, мисионерката не е за прв пат тука, а кога веќе пристигна, поканета од своте скопски пријателки, исто така ангели и Ангелки, поита во Кавадарци, да ја потврди старата римска мудрост дека вистината е во виното! Или, како што напиша нејзината придружничка, тоа било врв на бизнисот! За кого како – de gustibus, non disputantum,зашто да не и врв на криминалот!
Нека дојдат Ангела и Ангелка во Охрид, нека видат во каква состојба е хотелот “Палас”, гордоста на некогашното македонско и југословенско хотелиерство. Нека го прашаат тој “од врвот на бизнисот!”, како тоа хотелот не ја обавува функцијата за која е изграден со потта и крвта на градитечите и народот, а од зидовите се извишуваат дрвја и коров!
Да, приватизацијата беше легална, ама беше, дибидус КРИМИНАЛНА! Македонија не спроведе приватизација, туку ЛЕГАЛИЗАЦИЈА на криминалот. Тоа што хотелот “Палас” е во приватни раце, не значи дека приватникот е сопственик и на замрената дејност, затоа што хотелот, освен цигли и керамиди (во конкретниов случај скап мермер), има и намена, дејност како национален ресурс. Неработењето, во овие изминати две –три децении, значи половина милијарда евра нереализирана добивка, стотици невработени, илјадници неотседнати туристи.
Оваа земја, не мора да им го одзема она што го стекнаа, макар и со далавери, но, мора да усвои ново законодавство, со кое ќе ги примора да ја обавуваат дејноста, да ги вратат вработените (сеуште живите!), да остваруваат нова вредност,а, не, да не не замајуваат. Сопствениците ги откорнаа инсталациите и опремата, со лага дека нашле инвестиртори, дека ќе го реновираат и рестартираат објектот, те со синџирот Софител, те со Радисон, а од сето тоа – само сон!
Охригани, а и не само тие, имаат право да се сомневаат, веќе “изгорени со млекото”, односно рушењето на хотелот “Парк”, синонимот на македонско-холандското пријателство и побратимство, за на негово место да никнат станови за пазар!!!
На Ангела од Америка, гтреба некој да и каже дека најлуксузните хотели во Охрид и на најубавите локации, се купувани со највалканите пари на Балканите, од раната акумулација на капиталот, после падот на Берлинскиот зид, како што се оние на Илија Павлов од софиски “Мултигруп”! Ако нам не ни верува, нека ја праша демократката, претседателски кандидат Хилари Клинтон, зошто ја врати донацијата за нејзината изборна кампања, дадена од сопругата на Павлов, склонета во САД, во Охајо, пред неговото убиството среде Столицата!
Не се сомневам во добрите намери на Ангела од Америка, но, и не полагам премногу надежи. Нашите првенци од нејзината добра воља, направија гротестка. Се редат во нејзинот кабинет, токму оние кои со децении жарат и палат во жална Македонија. Се натпреваруваат кој повеќе ќе и даде поддршка, ќе и се стави на располагање! Истите оние, во чиј попис на работните места, е токму она што тие сега и го ветуваат на Ангела. Борба со криминалот и корупцијата. Кој ги спречуваше тоа да го чинат и досега?
Да не се лажеме. Без дозвола од Калето, во Македонија, не може да се биде премиер, претседател на држава, министер за надворешни работи, министер за внатрешни работи, министер за одбрана….Секоја чест за добрите намери, ама како да веруваме во ЧЕДОПМОРСТВО!
За впечатокот да биде комплетен, до одговорни позиции се пропуштаат медиокритети, климоглавци, интелектуал ни лилипутанци! Срушени се, обесмислени се институциите (функциите!), девалвирани се до тој степен што секој може да ги обавува! Без минимум компетенции, сервилноста им е основното портфолио.
Одвоени од народот, избраниците забегаа во раскошот и привелегиите, калапат десетици илјади евра од плати и патни надоместоци, помислија дека се фараони, те уште одсега, како онаа охридска несреќа, раскопуваат туги гробови, завземаат поповолни позиции, за да бидат привелегирани и посебни-таму некаде во задгробието !!!???
Делува морбидно, ама, за жал, е реално!Забеганоста нема граници, нема лимити-ниту кон небото, ниту надолу кон земјата!
Симбиозата со криминалот и подземјето е видлива, секојдневна. Лидерите и робуваат на моќта – изразена во пари и можни гласови. Заробеници сме на изборен инжињеринг, на купување гласови, физички и психички терор. На Скендербег му намигнуваме, пред Тендербег се поклонуваме! Локални моќници градат на диво под крошните на илјадавековниот охридски чинар, градот на урбан – ЕНЕСКО е град на урбацид!
Би сакал да и верувам на Ангела дојдена од Америка, ама како да верувам во политичките првенци дека ќе се обединат во искрени намери и политичка волја, самите себе си да се развластат? Засега гледаме само убаво глаголење и гола декларативност. Безмалку, една срамна кампања од домашни политички и финасиски профитери, огледало на нивната симбиоза, испреплетност и взаемна сплотеност. Секое чудо до три дена,коментираат мајтабџиите. Оние, уште поневерните, отворено се сомневаат дека вистинската намера е, е зад чадната завеса со корупцијата, да се протурка нешто поголемо!
Зашто да не заборавиме, а тоа го тврди и шефот на државата : пратениците – портири и писмоношсци, за да го направат срамниот чин – глас во замена за спас од апс, ги прекршила (убедила) токму претходничката на Ангела од Америка!!!
Веле Митаноски