Признанијата ја обезбедуваат општествената кохезија
Нема да кажам ништо ново, ако констатирам дека ни недостасува општествена кохезија. Според мене, има неколку индикатори по кои можете да ја оцените кохезијата на една заедница, на едно општество, ако сакате. Чинам дека два се есенцијални: паметниците и наградите, т.е. признанијата. Овие индикатори, ако размислиме, се сведуваат на едно: оддавање почит и признание на поединците кои дале некаков придонес за заедницата.
Не толку одамна, непосредно после моето враќање од постдокторскиот престој во САД, имав еден текст каде со воодушевување говорев за нивната убава „навика“ да одбележуваат обични луѓе, катадневни настани и собитија кои дале некаков придонес за заедницата. Па така, немаше просторија, предавална или амфитеатар на универзитетот која не носеше име на некој професор кој предавал таму во одреден период. Врв беше спомен плочата на градинарот кој целиот свој живот го одржувал паркот на универзитетскиот кампус. Можете да замислите, универзитетот подигнал спомен-плоча на градинарот!? И тоа каква: „на градинарот, тој и тој, кој отсекогаш велеше – ќе го направам паркот во универзитетскиот кампус место со кое ќе се гордеете! – епа градинару, тој и тој.., се гордеееме!“
Сетете се на некое вакво признание во последните 30-тина години компанијата или претпријатието каде работите, доделено за некој ваш колега, пријател, познаник? Ваквото оддавање признание на нечија работа веќе се реткост. Чинам дека дури и оние скромни признанија по повод пензионирањето престанаа да се даваат. Замислете, некој целиот свој животен век го потрошил за доброто на организацијата, а на крајот од работниот век никакво одбележување, никаков спомен за неговата посветеност!
Најсигурен знак дека едно признание станало вредно е бројот на неговите оспорувачи! Колку повеќе луѓе негодуваат, галамат, мрчат, не се согласуваат, се исмеваат… толку тоа признание станува повеќе вредно! Тоа значи дека суверениот доделувач е на вистински пат.
Ако се обидете да ме демантирате споменувајќи го фактот дека споменици сепак се поставуваат, а тоа сепак значи некакво одбележување и паметење, бидете претпазливи, затоа што не говорам за паметници на личности од историјата. Да, ние сме полни споменици од големи историски личности, особено после СК2014, но ретко, скоро никогаш немаме паметници на секојдневни луѓе, настани, собитија. А не бадијала американците имаат такви паметници, затоа што токму таквите паметници, таквите, да ги наречеме битови, секојдневни паметници, многу посилно ја обезбедуваат кохезијата на заедницата на микро ниво. Затоа што тешко дека било кој од нас може да се поистовети со Александар Македонски, или дури и со Гоце Делчев, или со Ченто, затоа што тоа се навистина историски величини кои многукратно ја надминуваат нашата маленкост. Тие можат само да бидат извор на патриотизам и национализам (во вредносно позитивна смисла), но тешко дека на микро ниво можат да обезбедат чувство на заедништво. Секој од нас полесно ќе се поистовети и ќе се препознае во локално име, во локално презиме, во лик чии деца, внуци сè уште шетаат по улиците на градот, чија куќа сè уште стои, низ чие маало сè уште поминуваме… А ние такви паметници, чествувања на такви ликови скоро и да немаме. Нашите локални, секојдневни „херои“ како да ги немаме, а ги имаме!
Токму оваа функција на обезбедување микро кохезија, како и паметниците, ја имаат и признанијата и наградите. Ние во последните 30 години не само што не ги зголемивме бројот на наградите и признанијата, како што беше ред после осамостојувањето, туку и ги намаливме. Особено е трагично, што многу ретки се признанијата што ги доделуваат еснафските, професионалните здруженија (не државата). А тие се клучни, токму за она што го говорев: обезбедување на кохезијата на микро ниво, во случајов – обезбедување на чувство на припадност кон заедницата, кон професијата на која припаѓате. Проверете се самите во вашата професија: кои награди ги доделува докторската фела, правничката, професорската, новинарската, научната..? Замислете, цел работен век сте доктор и локалната еснафска организација не направила ништо да ви оддаде некакво признание за вашата работа? Па веројатно со нешто сте ја заслужиле?
Уште еднаш ќе се повикам на моето искуство од САД. Тамошното философско друштво (APA), има можеби десетина награди кои ги доделува на фелата: за најмлад философ, за најдобра книга, за најдобар есеј, за најдобар текст, за најдобро истражување, за најголемо влијание, за животно дело…така што, многу е веројатно секој во фелата барем еднаш во животот да добие некаква награда, барем еднаш во животот фелата да му оддаде признание за тоа што го работи! Тоа не само што ја препознава квалитетната работа, не само што го мотивира членот на еснафот, туку ја обезбедува и таа спомената кохезија на микро-ниво. Секој во фелата чувствува дека неговата работа се следи и се вреднува!
А ние престанавме да се наградуваме, престанавме да си оддаваме признанија, престанавме да се пофалуваме и да си покажуваме дека си значиме. Па кој треба да нè пофали, да нè награди, ако не заедницата? Кој ако не колегите, кој ако не фелата, кој ако не локалните заедници? Па илјадници, милиони доктори се по белиот свет, по што се тие подобри, за таму да се наградени, од овдешните, за тука да се заборавени? Кој треба да чекаме да нè пофали? Богот на докторите! Не постои таков! Ние сме тие што си оддаваме признанија еден на друг. Ние луѓето ги востановуваме, на луѓе ги доделуваме.
И зошто, по ѓаволите, кога веќе некој пофалува, наградува, доделува признанија, сметаме дека тоа е недостојно, дека не е вредно!? Со ова се отвора и прашањето, навистина, кој ги востановува наградите? И како една награда, едно признание станува вредно? Како некое признание воопшто добива легитимитет, воопшто? Нема посебна формула, драги мои: секоја награда, секое признание својот легитимитет го црпи од самиот факт на неговото востановување. Неговиот легитимитет не паѓа од небо, не го назначува Бог како награда или признание! Секоја награда, секое признание својот легитимитет го црпи од самата суверена волја на тој што го доделува: едноставно, некој, некоја организација, тело, орган, институција… донесува суверена одлука дека ќе наградува. И со тоа легитимитетот на наградата, т.е. признанието е востановена! И толку! Со самиот факт што некое тело донело суверена одлука дека ќе доделува признание, тоа признание станува легитимно! Нема друго место од кое некое признание го црпи својот легитимитет освен од суверената волја на оној што ја востановил наградата! Друго е прашањето колку тоа признание е вредно. Неговата вредност, пак подоцна се пресметува според истрајноста на суверенот што доделува, да продолжи да го доделува и тоа да стане традиционално. И секако, според имињата, луѓето, институциите на кои тоа признанание им е доделено. Ако опстои суверенот што наградува во своите намери и наградувањето не згасне после првата манифестација, тоа веќе станува вредно. Колку подолго опстојува, толку повредно станува.
И конечно, најсигурен знак дека тоа признание станало вредно е бројот на неговите оспорувачи! Колку повеќе луѓе негодуваат, галамат, мрчат, не се согласуваат, се исмеваат… толку тоа признание станува повеќе вредно! Тоа значи дека суверениот доделувач е на вистински пат.
(Превземено од Штипски Глас)