Пробиштип, 03.06.2019
Лена Ѓуриќ, сликарка која живее и создава уметност во Штип, во среда ќе ги изложи своите слики пред пробиштипската јавност. Отворањето на изложбата е закажано за 5 јуни во 12,30 часот, во салонот на Домот на културата „Злетовски рудар“ кој е и организатор на овој културен настан.
-Со посебно задоволство ја поканивме уметницата да изложува и во нашиот град. Од медиумите видовме дека нејзините изложби во поголем број градови во регионот привлекуваа(т) бројна публика, што говори дека за сликарството на Лена постоти евидентен интерес. Затоа посакавме нејзината уметност да биде претставена и пред нашите сограѓани кои се желни за вистински културни настани, ни изјави Марија Трајчева, директорка на ДК „Злетовски рудар“.
Ова ќе биде четврта изложба годинава на Лена во регионот. Претходно изложуваше во Пехчево, Делчево, Македонска Каменица и во Аурора на Беровското езеро.
-Си поставив цел моите слики да можат да бидат видени во сите градови во регионот, а имам отворени покани и за изложби во други делови од нашата држава. Затоа со големо задоволство ја прифатив поканата на Домот на култура „Злетовски рудар“ од Пробиштип и на неговата директорка Марија Трајчева да изложувам и во убавиот рударски град. По изложбата во Пробиштип ќе ми остане само да изложувам во Кочани и со тоа да го заокружам циклусот изложби во сите градови во регионот, вели Лена.
Во Пробиштип уметницата ќе изложи 26 дела работени во техниката масло на платно. Таа е поклоник на реализмот. Во нејзните дела провладуваат мотиви од природата, животни, интересни човечки ликови, пејсажи, а тука и Галскиот петел како нејзина доминантна уметничка легитимација4.