ПРОБИШТИП: Од опасното хидројаловише ќе се прави фотоволтаичен парк

Пробиштип, 03.12.2018

Старото хидројаловиште на рудникот Злетово во Пробиштип од експертите постојано е оценувано како втора по значење еколошка закана во државата, после Велес и неговата одамна затворена топилница. Со оглед на фактот дека низ децениската работа на рудникот хидројаловиштето се спои со градот, тоа се смета за потенцијален проблем и закана по животната средина на Пробиштип и неговата околина.

Хидројаловишната депонија зафаќа површина од 55 хектари, а во неа е депонирана маса од 11 милиони метри кубни олово цинкова јаловина и други ретки метали. За решавање на овој проблем последниве години се изнесувани повеќе можности но до ден денешен ништо не е направено по тоа прашање. Хидројаловишната депонија си стои на местото , на неа не е интервирано на било каков начин, а дали нешто ќе се работи или не засега нема никакви информации.

Пред осум години беше изготвен проект за санација и рекултивација на овој простор. За негово комплетно и квалитетно решавање проектот предвидуваше  четири милиони евра.Општината такви пари нема, а ја нема ниту поддршката од државата. Барем досега тоа е така.

Драган Анастасов, градоначалник
Драган Анастасов, градоначалник

-Согласно овој проект целиот тој терен требаше да биде засаден со дрва и трева, а дрвото најдобро ги извлекува остатоците од тешките метали во почвата. Но, факт е дека тоа не се направи. Јасно е дека проблемот треба да се решава зашто оваа хидројаловишна депонија по својот приоритет за решавање е на прво место во државата. Со измени во Законот за минерални суровини и депонираната маса, со развојот на технологијата депонираната маса стана техноген отпад кој може да се користи и во економска смисла, па поради тоа се роди идејата за решавање на проблемот со давање под концесија на хидројаловишната депонија на заинтересирани инвеститори. Во таа смисла во Пробиштип доаѓаа експерти од Кина, Англија, Германија и Словенија, но кинеските експерти кои пројавија најголем интерес рекоа дека концентратот на метали во јаловината е мал за економска експлоатација и се откажаа од идејата.  Во сето ова има една убава работа, зашто со таквата експертиза беше дадено призанание на стручњаците кои низ децении работеле во Злетово дека до максимум ги користеле оловото и цинкот, а и некои други ретки метали. Ова ни го изјави Соња Липиткова, професор по биохемија на факултетот по природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, поранешен државен секретар во Министерството за животна средина, која потекнува од овој рударски град. Липиткова уште вели дека ова прашање мора да се реши зашто  големата депонирана маса влијае на подземните води кои можат да ја загадат околината.

Кога во 2005 година започна изградбата на браната „Кнежево“ во состав на регионалниот водоснабдителен проект „Злетовица“, се јави можноста земјата која се ископуваше од просторот на кој започна изградбата на браната да се носи и истура врз хидројаловиштето за потоа целата таа површина да се засади со дрва и зеленило. Но, браната се изгради во еден петгодишен период, а оваа можност остана неискористена.

Пробиштипскиот градоначалник Драган Анастасов вели дека идната пролест ќе се слушнат добри вести во однос на решавањето на овој проблем.

-Наша тенденција е да нема експлоатација на депонијата туку просторот да се рекултивира, да се посипе со земја  и истиот да биде искористен за поставување фотоволтаичен систем што ќе ќе биде влог по принципот на јавно-приватно партнерство. Се испушти голема можност кога се градеше браната Кнежево овој простор да се покрие со квалитетна земја, а сега мора да бараме земја од некоја друга локација. Најголем проблем од оваа депонија имаат жителите на Пробиштип зашто хидројаловиштето стана дел од градот, проблемот го прави јужниот ветер кој прашината од него ја носи директно во градот. Не седиме со скрстени раце и работиме на негово решавање, во преговори сме со заинтересирани инвеститори, а напролет очекуваме поволни вести, вели Анастасов.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе