Проверка на факти: Дали е Трамп во право кога вели дека Украина ја почнала војната со Русија?

Претседателот на САД, Доналд Трамп оваа недела лажно ја обвини Украина дека ја почнала војната со Русија на нејзина територија, предизвикувајќи низа реакции во земјата која помина речиси три години се бори против многу поголемата руска војска, пишува Асошиејтед Прес.

Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор без избори“ и тврдеше дека неговата поддршка меѓу гласачите е блиску до дното.

Зеленски во средата рече дека ваквите дезинформации доаѓаат токму од Русија.

Во продолжение целост ја пренесуваме проверката на некои од изјавите на Трамп, направена од Асошиејтед Прес:

1. Украина „никогаш не требаше да ја започне војната“

Изјава на Трамп: „Вие сте таму три години … Требаше да не почнувате. Можевте да постигнете договор“.

Факти: Руската армија ја премина украинската граница на 24 февруари 2022 година, во сеопфатна воена инвазија која Путин се обиде да ја оправда со лажно тврдење дека е потребна за да се заштитат цивилите кои зборуваат руски во источна Украина и да се спречи земјата да се приклучи на НАТО.

Но, руската агресија против Украина не започна тогаш. Во 2014 година, рускиот претседател Владимир Путин виде знаци дека Украина се повлекува од сферата на влијание на Русија, барајќи сојузи со западноевропските нации. Тогаш Путин незаконски го анектираше Кримскиот Полуостров и започна вооружена агресија во источниот украински регион Донбас што прерасна во долготраен конфликт во кој загинаа илјадници луѓе.

Тој конфликт траеше до 2022 година, кога Путин нареди, како што рече, воени вежби долж границите на Украина. Тој му кажа на светот дека околу 150.000 војници што ги собрал нема да бидат искористени за инвазија на Украина. Но, во раните утрински часови на 24 февруари, Русија започна широки воздушни напади и војниците почнаа да ја преминуваат украинската граница.

2. Украина треба да одржи избори

Изјава на Трамп: „Немаше избори во Украина, каде што има воена состојба“, изјави Трамп од својата резиденција во Мар-а-Лаго, Флорида, додавајќи подоцна на социјалните мрежи: „Диктатор без избори, Зеленски побргу да преземе нешто оти ќе ја изгуби државата“.

Факти: Зеленски беше избран на петгодишен мандат во 2019 година, а следните претседателски избори беа закажани за пролетта 2024 година. Но, украинските закони забрануваат парламентарни или претседателски избори за време на воена состојба, така што Зеленски остана на функцијата. Тој рече дека верува дека изборите ќе се одржат во Украина по укинувањето на воената состојба.

Постојат бројни фактори кои, според владата на Украина, „буквално би го оневозможиле обезбедувањето фер изборен процес во услови на тотална војна“.

Според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, околу 6,9 милиони украински бегалци се регистрирани ширум светот од февруари 2022 година. Од нив, милиони остануваат надвор од земјата поради војната. Би било речиси невозможно за сите оние кои се раселени да учествуваат на изборите, што потенцијално ќе им го одземе правото на глас на милиони Украинци.

Понатаму, околу 800.000 војници моментално служат во украинските вооружени сили. Изборите ќе бараат повлекување на војниците од фронтот за да гласаат, слабеејќи ја воената позиција на Украина. Дополнително, оние што се борат нема да можат да се кандидираат за функција, право што им е загарантирано со украинскиот закон.

Многу Украинци живеат во области под руска окупација, што во суштина го оневозможува нивното учество во каков било изборен процес. И бидејќи Русија продолжува редовно да напаѓа и воени и цивилни цели низ целата земја, собирањето милиони граѓани во преполните избирачки места може да создаде дополнителна опасност.

3. Зеленски нема поддршка?

Изјава на Трамп: „Мислам, лидерот во Украина, мразам да го кажам тоа, но тој има рејтинг од 4 отсто“.

Факти: Зеленски „задржува прилично високо ниво на јавна доверба“ – околу 57 проценти – според извештајот објавен во средата од Киевскиот Меѓународен институт за социологија.

Зборувајќи во Киев во средата, Зеленски рече дека бројката која ја кажа Трамп, за која претседателот не наведе никакви извори, е „дезинформација“ која потекнува од Русија и дека претседателот „за жал живее во овој простор на дезинформации“.

Зеленски рече дека ќе побара од анкетарите во наредните недели да спроведат анкети за довербата на јавноста во него и да ги споделат резултатите со администрацијата на Трамп.

Милиони жртви

Изјава на Трамп: „Кога ќе видите што се случи во Украина со милиони убиени, вклучително и војници, милиони луѓе убиени, голем процент од нивните градови срамнети со земја, не знам како некој живее таму“.

Факти: Ниту една проценка на која било реномирана анализа не покажува дека има милиони жртви во војната во Украина.

Иако не се познати точните бројки за бројот на загинатите, Зеленски претходно овој месец рече дека над 46.000 украински војници биле убиени од почетокот на војната во февруари 2022 година. Тој исто така рече дека „десетици илјади цивили“ биле убиени во окупираните области на Украина, но дека нема да има точни бројки додека не заврши војната. Последните податоци од руското Министерство за одбрана, објавени во јануари 2023 година, укажаа на нешто повеќе од 6.000 воени жртви, иако извештаите од официјалните претставници на САД и Велика Британија покажуваат многу повисока бројка.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе