Штип, 22.05.2023
Тројца моторџии на кои вчера им се изгубил трагот на планината Плачковица денес се пронајдени во добра здравствена состојба и се вратени дома. Долго време нивните семејства и пријателите не можеле со нив да воспостават никаква врска по што семејства го контактирале регионалниот Центар за управување со кризи-Штип.
Информацијата за изгубените моторџии била дадена до ЦУК во Скопје преку единствениот повикувачки број за итни случаи, Тројцата моторџии биле со поголема група која се упатила од хотелот „Бел камен“ кој е на планината Плачковица над Радовиш кон општинскиот центар Зрновци. Последен контакт со нив е направен синоќа околу 19 часот, при што тие рекле дека се заглавени во некоја кал но не знаеле точно да ја одредат локацијата на која биле.
Од ЦУК денес известија дека во потрагата по моторџиите биле вклучени 16 лица со мотори кои биле во нивната група, едно полициско возило од Полициската станица Штип на правецот Туртел – одмаралиште Универзитет „Гоце Делчев“, едно полициско возило од село Зрновци и околу 20-25 луѓе од поблиските семејства на исчезнатите лица. Истоврено, било контактирано со Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани, чии членови се организирале и тргнале во пребарувањето. Биле известени и дежурните од ДЗС Скопје за превземање мерки во нивна надлежност.
Од Регионалниот ЦУК Штип утринава известија дека од Планинарската служба Осогово со четири лица и едно теренско возило во пет часот изутринава излегле на терен и пребарувале на ралција Видовиште, Латал – Бел Камен.
Утринава, нешто пред 7 часот, едното од изгубените лица воспоставило контакт со член на фамилија и известил дека трите лица со моторите се заглавени во кал, па ноќта ја поминале на планината Плачковица и дека се во добра здравствена состојба по што истите биле пронајдени и во добра општа здравствена состојба вратени дома.
Сите тројца моторџии се од Штип.