Во април годинава просечната нето-плата во земјава изнесувала 31.525 денари и истата е зголемена за 10,9 отсто во споредба со идентичниот месец минатата година, објави Државниот завод за статистика.
Според податоците на Државниот завод за статистика, ваквото зголемување на платите во земјава се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (24,8 отсто), Уметност, забава и рекреација (20,1 отсто) и Административни и помошни услужни дејности (17 отсто).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано и во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита (8,3 отсто), Градежништво (5,6 отсто) и Дејности во врска со недвижен имот (4,5 отсто).
Инаку, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во земјава, во април 2022 година, изнесува 47.092 денари.