Проф.д-р Методи Чепреганов за пандемијата: мора да создадеме личен и колективен имунитет, друг излез нема
Штип, 21.11.2021
Вакцинација задолжително. Почитување на рестриктивните мерки-исто така. Друг лек не постои, Тоа е единствениот начин да ја совладаме пандемијата наместо таа да не совлада нас.
Ова, на предавање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го рече проф.д-р Методи Чепреганов, една од најистакнатите фигури во националното здравство, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија, човек зад кого стојат над 260 научни трудови и 130 монографии, oд кои 65 се посветени на мозокот и неговите функции. Предавањето на доктор Чепреганов беше на тема „За смислата на човековото постоење“, при што говореше и за Ковид 19 и нашиот однос кон оваа зараза
-Ние 30 години живееме во една пролонгирана стресогена состојба при што една со друга се продолжува. Неизвесноста, раслоеноста на нашиот народ, ова го говорам како човек од науката, е голем проблем по здравјето на луѓето зашто психосоматиката е резултат на таа пролонгирана стресна состојба, рече професор Чепреганов.
Тој посочи дека денес луѓето се видно променети, а пандемијата дошла како шлаг на торта.
-Така е во целиот свет, а не само во нашата држава. Насекаде во светот работата е иста. Дури има земји кои многу повеќе страдаат од нас, а тоа се посиромашните од нас држави. Секако дека ова денес е најголем проблем на човештвото, но во иднина ние треба да живееме во една кохабитација со вирусот. Оваа состојба нема да се заврши за 1-2 месеци, таа ќе потрае 2-4 години, а ние треба да научиме да живееме со вирусот бидејќи тој е тука, појасни Чепреганов.
Тој говореше и за последиците кои вирусо може да ги остави врз луѓето.
-Тие последици ќе зависат од менталниот склоп на народот.. Тоа значи дека секој граѓанин треба да се вакцинира, да ги почитува рестрикциите и мерките донесени од здравствените власти. Ние мора да создадеме личен и колективен имунитет, таков мора да биде нашиот ментален склоп, во тоа е излезот. Тоа го говорам од името на медицината, зашто ако вие немате имунитет вирусот е тука и ќе имате проблеми. Тоа е така не само во Македонија туку и во цел свет, зашто вирусот не познава боја на кожа, раса, вера, нација, рече проф. д-р Методи Чепреганов.
„Јас имам брат и со него се гледам само преку прозорец“, укажа професорот, и со тоа на најпластичен начин кажа како тој, како врвен медицински наш и светски стручњак, си го чува здравјето и животот во ова време на пандемија.
Професор Чепреганов на студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ им подари 40 негови дела, книги за мозокот.