Ротари клубот Кочани-Виница со идеја за нов споменик во централното градско подрачје

Kочани, 24.07.2020

Ротари клубот Кочани-Виница излезе со предлог до граначалникот Николчо Илијев: Кочани да добие нов споменик во централното градско подрачје. Ротаријанците предлагаат тоа да биде споменик  на вилино коњче, како симбол на природата и живиот свет, инсект што живее покрај вода, во нашиов случај кај оризовите полиња, но и на Осогово, и со оглед на начинот на исхрана со комарци – како биолошки пријател на Кочанскиот крај.

На средбата со градоначалникот Илијев, претставниците на Ротари клубот детално ја образложија идејата: споменикот да обединува повеќе области, да биде изработен од различни рециклирани материјали, од инокс, стакло компонирано во витраж, мозаик и сл. и да биде со димензии 5 на 5 метри. Уметнички творец на споменикот е Орхан Ќамилов, кој деталите ги образложи преку  изработениот модел.

Споменикот ќе биде донација од Ротари клубот Кочани-Виница, кој побара од Општина Кочани да биде поддржан со решавањето на правниот и урбанистичкиот дел во неговото поставување.

Градоначалникот Илијев и стручните служби изразија задоволство од иницијативата за соработка, отворајќи повеќе прашања што ги повлекува ваквата градба.

– Задоволни сме што имаме соработка и убави идеи од нашите сограѓани,  со добра координација оваа идеја може да се реализира, за што, како околу изборот на локацијата, така и со другите законски норми и технички решенија, треба да решава и Советот на Општина Кочани. Секако, оставаме простор  да го слушнеме и мислењето на јавноста – изјави градоначалникот Илијев.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе