М.Каменица, 06.11.2017
Компанијата Централ азиа металс (Central Asia Metals PLC), со седиште во Лондон, Велика Британија, и официјално стана сопственик на рудникот Саса од Македонска Каменица, откако на Лондонската берза денеска беше завршена постапката за купување на 100 проценти од Линкс Ресорсис Лимитед (Lynx Resources Limited), поранешниот сопственик на рудникот.
Претходно, компанијата доби одобрение за аквизицијата од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија.
Аквизицијата е извршена според правилата на Лондонската берза, на која котира Централ Азија Металс.
„Задоволни сме што процесот на аквизиција заврши успешно и што се отвора патот за успешно иднина на рудникот Саса. Веруваме дека со тоа ќе дадеме дополнителен поттик за севкупен развој на локалната заедница, но и на македонската економија“, изјави извршниот претседател на Централ азија металс, Ник Кларк (Nick Clarke).
Компанијата Централ азија металс ја купи Линкс ресорсис лимитед за 402,5 милиони долари.
Централ Азија Металс е компанија со големо оперативно искуство, а поседува 100% од операцијата за бакар Коунрад и 80% од концесијата за истражување на бакар во Шаук, и двете во Казахстан.