Македонска Каменица, 25.09.2018
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули престојуваше во работна посета на рудникот за олово и цинк САСА. Делегацијата која го посети рудникот ја сочинуваа службеници од ресорното министерство, како и од Управата за животна средина, кои беа придружувани од градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
За време на посетата, членовите на менаџерскиот тим на Рудник САСА, предводени од генералниот директор Олег Телној ги запознаа гостите со сите клучни аспекти од работата и развојот на рудникот, почнувајќи од технолошкиот процес, вложувањата во современа рударска опрема, структурата на вработените и грижата за нивната благостојба, како и за значањето на рудникот за просперитетот на локалната заедница и неговите континуирани активности и поддршка што ја обезбедува во областа на спортот, културата, образованието, животната средина, социјалната сфера и ранливите општествени групи.
Посебен акцент на состанокот беше ставен на вложувањата и активностите на рудникот поврзани со грижата за здравјето и безбедноста при работа, како и заштитата на животната средина како исклучително важни сегменти во САСА.
Беше констатирано дека рудниот во своето работење ги применува најсовремените индустриски практики и стандарди за управување (ISO 9001), за заштита на здравјето и безбедноста при работа (OHSAS 18001), за заштита на животната средина (ISO 14001), како и за лабораториски испитувања (ISO 17025), а воедно САСА е првиот рудник во земјата кој поседува A- интегрирана еколошка дозвола.