Свети Николе, 25.08.2017
Денес на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе-Битола, беше потпишан договор за соработка помеѓу оваа приватна вискообразовна установа и Ротари клубот Велес од истоимениот град.
Во присуство на професори на Универзитетот и членови на Ротари клубот Велес , на свеченоста во Свети Николе, договорот го потпишаа проф.д-р Душан Николовски, ректор на МСУ од една и Аце Коцевски, претседател на велешкиот Ротари клуб од друга страна.
„Нашата соработка ја отвораме со доделување на три стипендии за млади кои ќе сакаат да студираат на нашиот Универзитет, а кои, по свои критериуми, ќе ги одбере Ротари клубот Велес. Огромно е нашето задоволство што започнуваме општествено значајна соработка со нашите пријатели од Велес кои високо ги оценуваат остварувањата на нашиот Универзитет“, посочи ректорот Николовски.
За Аце Коцевски овој договор е само почеток на една многу поголема и подлабока соработка помеѓу Ротари клубот од градот на Рацин и МСУ.
„Ова за нас е само почеток не една долговечна, плодна, квалитетна и успешна соработка со МСУ. На нас останува големата одговорност да ги избереме тројцата стипендисти кои своето високо образование ќе го започнат и завршат на МСУ. Нашиот Ротари клуб изборот на стипендистите ќе го направи на најсоодветен начин и според определени критериуми“, појасни Коцевски.