СЕРАФИМОВСКА: Открив колку сум си недостасувала самата на себе

Штип, 05.05.2020

Христина СЕРАФИМОВСКА, доктор по екомномски науки од областа на менаџментот и претприемништвото, вработена на Универзитет „Гоце Делчев“ е новиот соговорник на istokpress.mk. на тема „Што работите во услови на корона вирус и намалени социјални активности“. Советник е во Советот на Општина Штип, член на највиското партиско тело кое раководи со Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, и е потпретседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Има издадено две книги од областа на претприемништвото, а континуирано работи на научни трудови и истражувања од истата област. Поклоник е на убавите уметности.

Христина, што е тоа ново што го откривате во себе и за себе во една ваква „ненормална“ состојба?

За чудо некое открив колку сум си недостасувала на самата себе. Дури сега сфатив дека темпото кое го живеев било погубно по моите лични потреби. Да се ставиш на располагање на обврските и на општеството е благородна работа, ме исполнува и е дел од моите избори, но во иднина веројатно ќе треба малку повеќе да поработам на балансот помеѓу приватното и професионалното.

На што најмногу се посветивте во слободното време кое сега најмногу го имате.

Да бидам искрена да се има слободно време на претек било вистински благодет. Не дека избегав од обврските, но имав слобода истите да ги менаџирам на начин на кој мене ми одговара, што навистина го зголемува квалитетот на сработеното, но и задоволството од истото. Успеав да фатам чекор со некои заостанати обврски, што дополнително ме прави среќна, а најголем дел од времето го минувам во читање на уметничка, но и научна литература. Паралелно работам на публикување на нов научен труд, анализа на резулати од спроведеното истражување пред кризата. Пишувам и колумни на актуелни теми, (како што може да се види од медиумите), а со оглед на моменталните општествени и политички случувања теми не ни недостасуваат и навистина е тешко да се остане имун и да не се крене гласот покрај толку многу провокации за суштински прашања.

Многу луѓе, во услови на коронавирус, се загрижени од многу работи. Од намалена слобода со ограничување на некои човекови права на пример…

Мене искрено ме загрижи фактот што многу луѓе панично ја доживејаа изолацијата. Човекот е социјално битие и потребата од комуникација со други луѓе е здрава. Но, да се бега од самиот себе и панично да се доживува средбата со самиот себе за мене е знак на нешто подлабоко и пострашно. Од една страна, тоа може да е знак за страв од соочување со самите себе, бегство од нешто со кое сме незадоволни. А од друга страна, би можело да упатува и на празнотијата на сопствените животи. Не е ново ако кажам дека луѓето денес живеат во туѓите животи, се идентификуваат со туѓите постигнувања и забораваат дека сето тоа е една голема илузија која го исполнува времето, но не и животот.

 Работите во високото образование сметате ли дека одлуката на Министерството за образование во однос на основното и на средното образование беше единствено исправна во вакви околности или можеби имало и други, подобри решенија?

Што се однесува до е-учењето, како модел на учење на далечина, мислам дека беше соодветна форма во чекор со современите трендови и можности кои ги пружа развојот на технологијата и Владата тука немаше многу простор за избор. Она на што забележувам е начинот на имплементација на овој „алтернативен проект“. Ми сметаат задоцнетите реакции. Неспособноста да се предвидат најобични ситуации како на пр. онаа дека не секој има компјутер дома, па им требаа месеци за набавка и достава на опрема, а истите можеа на најбезболен начин да се предвидат, обезбедат (преку реверс на опремата на училиштата) и достават уште во првата недела. Понатаму, немањето храброст да се пресече за одредени мерки за кои беше очигледно дека се неопходни, како онаа за укинување на државната матурата. Како опозиција направивме длабока анализа и увидовме дека ова е најиздржана опција и за матурантите и за универзитетите, а впрочем истата ја применија и многу други европски земји како Франција, Англија и други. Наместо да се има слух за предлозите на опозицијата, и да се користат туѓите искуства, оваа Влада одбра до последен момент да ги држи во дополнителна неизвесност и пресија матурантите, и тоа во услови кога во државата и така владее тензична атмосфера по повеќе основи. Понатаму прашањето за контрола на образовниот процес, замислете воопшто не се отвори, а истото е толку едноставно со можностите што ни ги даваат современите уреди. За скратена програма не ни помислија…Имам чувство дека Владата функционира без самодоверба, проактивноста и е слаба страна и претпочита да им даде предност на проблемите, па потоа да реагира, наместо да ги предвидува и да држи чекор пред нив. Не треба да кажувам колку е тоа погубно во случај на криза..

Многумина сметаат дека по крајот на пандемијата животот нема да ни биде ист. Што вие ќе кажете?  

Сметам дека темпото со кое го живееме животот, многу често е диктирано од темпото со кое работат институциите. Секако, тоа е поврзано со нашите избори и нашиот животен пат. Верувам дека ќе има еден период на прилагодување, но по извесно време се ќе продолжи по старо. Ако наесен уште еднаш се повтори нов бран на епидемијата, тогаш е можно тоа да биде дополнителен фактор, кој ќе придонесе да развиеме некои нови животни навики и ќе ја подигне нашата свесност на едно повисоко ниво.

Има подвоени мислења во однос на тоа какви ќе бидеме како луѓе по пандемијата, подобри или полоши…

Една стара индијанска мудрост вели „Во секој од нас живеат два волка во непрекината борба, еден лош и еден добар. Кој волк ќе победи зависи од тоа кој ќе избереме да го храниме.“ Мислам дека времето во изолација беше време на средба со самите себе. Психолошкиот притисок од опасноста на вирусот само ги поттикна внатрешните процеси на ретроспектива и интроспекција. Изговорот за тоа какви сме никогаш не треба да го бараме во околината и работите кои ни се случуваат. Тие може само на кратко да испровоцират некоја неконтролирана реакција од нас. На крајот на денот ние сме она што сами одбираме да бидеме. Останува да видеме кој што одбрал…

Дали нашиот народ се покажа дисциплиниран во однос на мерките пропишани од здравствените  власти во однос на корона вирусот, кој беше подисциплиниран младите, старите или…

Строгите рестриктивни мерки во голем дел и не оставија простор да излезе на виделина волјата на поединци. Културата на однесување генерално беше задоволителна, со мали исклучоци од сите возрасни групи. Ќе бидам строга и ќе кажам повозрасните мора малку повеќе да внимаваат на своето однесување, токму поради повисоката свест која би требало да ја имаат со оглед на возраста.

Кое е вашето мислење во однос на државата, дали и државните и здравствените власти добро се справија со ова зло?

Јас на оваа тема веќе реагирав во неколку наврати и за повеќе области. Овде нема да се задржувам на квалитетот и издржаноста на поединечните мерки, туку ќе потенцирам некои карактеристики типични за однесувањето на Владата во изминатиов период, кои навистина не се за оправадување. Сметам дека вистинското прашање не е дали добро се справија, туку дали она што го добивме е производ на контролирана ситуација? Ако е, тогаш тоа е најдоброто што сме го можеле, но не е. Носењето на контрадикторни мерки во криза (пр. забрана на фудбалски натпревари, а отсуство на протокол за работа на текстилните работници), се коси со основните начела на кризниот менаџмент. Понатаму, постојано менување на донесените мерки. Во случај на криза тоа влева дополнителна несигурност. Ако мерките што сте ги донеле вчера, ги менувате денес признавајќи дека не биле доволно ефикасни и сеопфатни, тогаш каква сигурност гарантираат денешните мерки, дали тие ќе ни ја донесат потребната гаранција дека проблемот ќе биде решен? Да не зборуваме за доцнењето на истите и во економијата, и во образованието, во здравството итн. Да бидеме реални, ние сме држава која децении наназад нема стратегија по ниедно прашање. Немаме стратегија во случај на криза, немаме стратегија за националните прашања, немаме стратегија за ништо. Стратегијата не е само пишан лист хартија без употребна вредност. Немаме поставени стандарди за многу области, немаме изградени ресурси и мене ми е јасно дека да се справиш со една ваква криза со такви предуслови е навистина тешко. Но затоа ја потенцирам важноста на квалитетот на кадрите со кои би требало да располага оваа Влада, брзината на одлуките, квалитетот на решенијата и отвореноста кон предлози од други страни. Во суштина крајниот исход ќе го видиме откако кризата ќе заврши кога ќе можеме да се споредиме со постигнувањата на другите земји.

Советничка сте во Општинскиот совет, дали онлај седницата беше квалитетна или можеше и некое друго решение?

Во однос на одржаната онлајн седница на Совет би рекла дека беше природно да очекуваме една таква седница. Со оглед на околностите и начинот на електронско поврзување, кој пред нас во изминатиов период од кризата повеќе различни институции веќе имаа можност да го применат, ние само се надоврзавме на воспоставената пракса. Да, седницата беше успешна. Не би можела да забележам никаков пропуст. За ралика од редовните седници кога точките на дневен ред понекогаш достигнуваат и до 50, овој пат материјалите беа со разумен обем и приоритетна содржина. Инаку, ваквиот начин на функционирање во голем дел те прави зависен од квалитетот на опремата со која располагаш, стабилноста на интернет мрежата, алатките кои ги користиш за поврзување, и е непрактичен во однос на времетраењето на одредени процедури. Тука би ја споменала процедурата на гласање, каде прецизно и без грешка треба поединечно да биде утврдено изјаснувањето на советниците, што во случајов предизвика навистина невообичаено одолговлекување. Она што јас би сакала да го видам е седница на отворено. Можеби платото пред Градскиот музеј е идеално за едно такво „доживување“. Под отворено небо и свеж воздух. А зошто да не, па ние постоиме за граѓаните и треба да бидеме поотворени кон нив. Се разбира со почитување на пропишаните заштитни мерки, ваквата седница може да биде и начин да се приближиме до граѓаните и случајни минувачи да земат учество и да проследат дел од нашата работа.

 Иван Бојаџиски

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе