Охрид, 17 јануари
– Традиционално, на ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, утревечер, во 19 часот, во Куќа Уранија (МАНУ), Светската награда за хуманизам на Охридската Академија за хуманизам, ќе му биде врачена на годинешниот добитник, академик Георги Старделов.
Со Светската награда за хуманизам, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани.
Старделов е четиринаесеттиот добитник, по ред, на ова исклучително признание, а прв од Македонија, со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, “будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа”, се вели во образлоѓението на одлуката за доделување на Светската награда за хуманизам за 2020 година.
Пригодни беседи за Старделов ќе одржи претрседателот на Академијата, амбасадорот и познат литерарен деец, Јордан Плевнеш, заедно со Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, академик Георги Старделов нагласува: „Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот.“
Академик Георги Старделов, еден e од водечките визионери и македонски градители на европската и светската хуманистичка идеја. Автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број на јазици на сите пет континенти.
Најавено е наградата да ја врачи градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО.
На свеченоста, со посебно признание, ќе му биде одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто во текот на следната година ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.
На обележјето, планирано е да бидат вградени сите досегашни добитници на Светската награда за хуманизам.
-Во процесот на изработка на спомен облежјето ќе бидат вклучени сите светски организации – Обединети нации, УНЕСКО и сите фондации за култура во светот. Охрид и Академијата испишуваат историја.Веќе втора деценија, Охрид е центар на светскиот хуманизам и мислата на Борхес дека нема ништо реално што е бессмрттно освен човештвото. „Светот е мал како марамче“, не подучуваше големиот Сервантес.Да, светот мал како марамче, видено во љубовта и визиите на учениците на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум Охридски, ќе забележи Јордан Плевнеш
Во меморијата на охригани, но и сите Македонци, за секогаш, ќе остане врежана пораката на Светлин Русев:
“Идејата е хуманизмот како вечност, како трајност, како пат кон спасението на човештвото претставува основата за овај монумент. Тој ќе биде изграден од камења, во кој ќе биде вметната икона на Св. Климент Охридски, а самото тоа што планираме да биде лоциран покрај вода која го симболизира хуманизмот како извор на чистота, светлина и спасение ќе ја носи симболиката на хуманизмот”.
Веле Митаноски