- (Биди и ти промената што сакаш да ја видиш во светот)
Мојата денешна намера е да им се обратам, првенствено, на колегите, овој пат не на новинарите, туку на пензионерите. Иако, и таму имам двојни колеги, некои доста активни, некои поспани, некои преспани, ама и натаму – мамурливи!
Но, не само на пензионеритре. Та, нели, тие имаат синови, ќерки, внуци, на кого не им е сеедно, каде и како се трошат парите од членарината, на нивните баби и дедовци.
Зошто текстов, го озаглави како: “Со приватна војна не се добива општествена битка”? Еве, ќе ви кажам на личен пример.
Деновиве купував лекарства , неизбежно, нели, за еден пензионер кој ја троши седмата деценија од животот, каде – на друго место, ако не во зградата на Зружението на пензионерите за Охрид и Дебрца. Мислам на нашата зграда, во која е сместена една аптека. Тие се наши киријаши, нели?
“Газдата” на зградата, претседателот на Здружение, беше ти порачал две кафиња кај апотекарката, изведуваше некави “прочистителни” работи, однадвор – во дворот на зградата, иако одамна помина времето за чистење – одвнатре!?
Добар, дена како сте претседателе Ѓорѓи, му велам. А, тој, осоколен со искри во очите, ми вели: Ти што пишуваш против пензионерите? Ти ли ми се обраќаш, пиши, пиши, ама… Демек, ќе видиш, ти….
Толку од муабетот, си се прибрав, го “одлежав” моментот, едно недела дена, и еве ме да го споделам со вас, читатателите, пред се, пензионерите.
Драги пензионери.Не чекајте некој да води приватна војна, во името на сите.Бидете и вие, секој поединечно, промената на светот (Махатма Ганди). Сите вие, направете го првиот чекор, зашто и најдолгиот пат тргнува и се изодува-со првиот чекор. И не се предавајте на првата препрека, зашто ако се обзирате на секој лавеж на кучињата од првото село, никогаш нема да стигнете каде сте наумиле (Тургењев).
И уште нешто. Државата нема да ја оправиме никогаш, ако мислиме дека виновни се само тие некаде горе во владата, во министерствата. Дека само тие се криминална банда, што би рекол братот Љубе. За да ја оправиме државата треба да влеземе во битка во секој сегмент.Токму по примерот на екологистите: Да мислиме глобално,ама да делуваме локално.
И ако, една форма не помага, секогаш има друга. Веќе пишував дека во очи на ланските избори, со група од 4-5 пензионери, бевме во нашето здружение, да побараме одговор од нашиот претседател (“на локалу”!) зашто централниот наш претседател, Аргировски, потпиша предизборна коалиција со една партија, во случајот – владеачката!?
Не пречекаа “на ниво”.Претседателот на Здружението, секретарот, претседателот на Собранието, делегати во Собранието-централно, уште и новинарот-дописничарот од Охрид за весникот “Пензионер”. Доставивме и писмено барање. Ни рекоа дека писмото ќе го стават на Собранието, ама дека тоа ќе било пред Нова Година (по свадба тапани!), дека писмено ќе ни одговорат. Дури и кафе не почестија, ама ниту го ставиле, ниту ни одговорија. Ниту усмено, ниту писмено!
Тогаш, баравме одговор за предизборното сојузување, по редовна процедура, не го добивме, еве сега, бараме одговори, преку отворено писмо, ќе ги споделиме со јавноста, те можда и нашето раководство ќе не издекса, како што го дексавме ние!?
Значи :Дали “сесојузниот” претседател Драги, (а и доста други – “на локалу”!) купувале слобода, тргувајќи со честа и достоинството на нас пензионерите?
Дали, Аргировски, е, или не е под кривичен прогон уште од 2014 година, за сторено кривично дело “непостапување по правосилна судска пресуда”? И дали кривичната пријава има и за претседателот на охридското Здружение на пензионери, Ѓоко Трпчевски? Зошто и двете се заглавени во лавиринтите на Јавното обвинителство, е прашање за други.
Зошто Аргировски, како “должников должник” (правна формулација) не попстапува и одбива да изврши наплата, по правосилна судска пресуда, односно забрана на побарувања. И зошто повратните средства не ги уплаќа на сметката на Здружението во Охрид, туку на новоформиран, паралелен, правен субјект – Клуб на пензионери!
Дали, пак, Клубот, е формиран да се заобиколи блокирањето на сметката на Здружението во Охридска банка?
Дали со конечна пресуда, потврдена и од Врховниот суд, Здружението како тужена страна, на тужителот- Здружението на инвалидизирани пензионери од Охрид, треба (мора) да му исплати 1.723,250,оо денари, по основ на закупнина за периодот од 28.01.1997 до 30.06.2006, и уште 2о1.617,00 денари трошоци во постапка? За да се изигра ова, затоа ли е формиран Клубот, а е згасната сметката на Здружението!?
За тие што не знаат “согласните браќа” – Задружението на пензионери и Здружението на инвалидизирани пензионери од Охрид, изградиле заеднички кров, објект со корисна површина од 642,63 метри квадратни во станови за живеење и деловни простории. Арно, ама “поголемиот брат”, го набркал “помалиот” во десетина квадрати, а тој си го присвоил останато – за себе и за своите киријаши. Од киријата на “братот” не дава ниту денар, од 2006 наваму!!!
И конечно: Зошто, во чие име и од чии средства, Здружението (раководството) продолжува со судски процеси, плаќа дебели сметки (триесетина илјади денари само за еден предмет!) за адвокатски услуги? Колку нови процеси се отворени зошто, односно за чие спасување?