Делчево, 24.09.2018
Младите делчевци денеска на средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров имаа можност да слушнат за перспективите на Македонија со евроатлатските интеграции и местото на младите во европски средена држава, како и изворно да се запознаат со деталите од Преспанскиот договор. Средбата се одржа во фоајето на Спомен-домот АСНОМ, а во организација на Советот на млади при Општина Делчево.
Минсистерот Димитров на средбата со младите истакна дека како генерација треба да го направиме тој исчекор за генерациите кои доаѓаат да имаат пристоен старт и дека нема партии во оваа игра, ова е натпартиска и мора секој посериозно да размисли.
– Во Делчево отскокнува иселувањето и тоа е предизвик со која се соочува целата нација. Тоа не можеме да го спречиме доколку Македонија не ја направиме европска. Не можеме да се натпреваруваме со македонскиот пасош со држави членки на ЕУ, ако ние не сме членка, ако нашиот македонски пасош не дава исти права за нашите граѓани како пасошите на европските држави. Имаме историска шанса, истакна Димитров.
На средбата се обрати и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој им порача на младите да бидат активни чинители во општеството и да ја зграпчат иднината уште денес и непоколебливо и гордо в недела на 30 септември да гласаат ЗА Вашата иднина во Македонија и за европско Делчево.
-.Ова е судбоносно прашање за Македонија, посебно за релативно малите општини како Делчево. Зошто, кога имаме шанса, да не ја донесеме Европа дома? Овде да градиме европски вредности, да дадеме на просперитетната сила која со себе ја носат младите, можност да ги променат нештата овде, дома. Да им ги отвориме вратите за овде дома градат својата иднина. Почитувани млади, членството значи неограничени можности за патување, квалитетно образование и практика и признати дипломи насекаде низ Европа. Преку европските програми за образование и мобилност младите од Македонија стекнуваат знаења и вештини кои им гарантираат добро платени работни места, тука, во нашата земја, истакна Трајковски.
Министерот Димитров вечерва во Делчево ќе учествува на трибина „За европска Македонија“ која ќе се одржи во киносалата во Делчево, а која започна во 19 часот.