Насилно задушување во директна поврзаност со пожарот е причината за смртта на сите 59 загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи изминатиот викенд, кажа денеска проф. д-р Александар Станков, раководителот на Институтот за судска медицина. Според наодите, кај четворица од загинатите постоеле повреди односно скршеници на ребрата и се задушиле заради притисок што се случува во стампедо.
„Најголем дел од обдуцираните лица, односно 70 проценти од нив се на возраст меѓу 16 и 29 години. Од починатите 16 лица се од женски пол, а 43 мажи. Причината за смрт кај сите 59 настрадани е насилна и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај три лица имаше изгореници од четврти степен. Причината за смрт е задушување“, рече тој.
Тој очекува да се завршат сите извештаи во врска со направените обдукции и дека целата документација ќе ја достават до Обвинителството.
Во тек се токсиколошките анализи за да се утврди што било присутно во крвта, но макроскопскиот наод за време на обдукциите, како што рече тој, кај најголем број од нив имало јаглерод моноксид.
„Во тој простор и во таков чад, јаглерод моноксидот брзо делувал и ги онеспособил жртвите да избегаат. предизвикува повраќање, главоболка, бессознание, парализа на мускулите. Треба да се земе предвид и амбиенталното задушување, бидејќи пламенот кој гори го троши кислородот па покрај влијанието на јаглерод моноксидот имаме и намалено количество на кислород“, рече тој.