Охрид, 24 јули
– Српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, “чудото од дете” кое Охрид и “Охридско лето”, го открија пред децении, израснало во “чудо од маж” – виолинист од самиот изведувачки Олимп, шоумен со човечност, толерантност, духовитост…
Синоќешниот концерт во централниот музички храм – црквата“Света Софија”, преполнета – малку повеќе одшто би требало, “дуото од соништата”: Миленковиќ-Милошевиќ, беше осмилслено како атрактивна ,може да се каже – за лето, концепирана програма.
-Ќе има од се’ по малку, а сите дела со кои ќе настапиме се многу важни, најави Миленковиќ, уште на прес конференцијата, пред два дена.
Концертот го започнаа со Бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната, композиција со многу енергија, ремек дело, зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. А, токму најраните дела, се неговото совршенство.
Следеа дваесетина минути балет: „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински, всушност елегантно направената свита во кусо издание.
Во вториот дел, никој не замина – повторно пред преполнетата дворана, после паузата, публиката ја имаше ретката прилика и чест, да ја проследи македонска премиера, од организаторот најавена како “светска премиера на верзијата за виолина и пијано” од италијанскиот композитор Никола Кампогранде.
Самиот наслов “Паганини, Паганини”, сугерира на веројатно највеличенствениот посветеник на виолината на сите времиња – Николо Паганини. Напишано по примерок на Паганини, поточно инsпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано.
Потоа следеше делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски.
Миленковиќ, пред секој почеток, на публиката и даваше кратка најава на “српско-македонски, а за тие што не разбираат и на англиски!”. Во стил на шоумен од светска големина, ја запозна публиката со легендата за Елизабета Хемптон, избраничката на Виењавски, чии родители не давале чедо за “ети којси музикант – обичен виолинист!”.Но, кога им ја отсвирил “Легенда”, ја купил нивната наклоност.
Како и да не, Виењавски, вели Миленковиќ, спага во тројката виолинисти – великани на сите времиња
Крајот го краси делото, а Миленковиќ за крај го одбра Валс-Скерцо од Петар Илич Чајковски, претходно најавеното, но, не и откриено изнедаување, подготвено за публиката што синоќа го проследи неговиот и настапот на неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ.
За Милошевиќ, Охридско лето“ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа, голема е честа да се настапи овде.
-Секоја година ја следам програмата преку интернет, и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници, ќе рече Милошевиќ.
Публиката не им остана должна со стоечките овации, на што уметниците возвратија со тр-четири бис изведби, одбрани нумери од руски и шпански автори.
Не како забелешка, туку нека биде спомен и анегдота со продуховенаост, забелешката на Миленковиќ, после првиот став од “Сонатата за виолина и пијано бр.1 од Лудвиг Ван Бетовен: ЌСонатата има четири става, што не значи дека вие не можете да плескате и измегу ставовите!”.
Веле Митаноски