Штип, 31.08.2018
Денешната седница на Советот на општина Штип наместо во 10 започна во 11 часот. Причина: советниците од опозициската ВМРО ДПМНЕ беа во црквата „Света Богородица“ на панихида во чест на Тодор Александров.
„Тие побараа одложување за околу еден час, а ние се сложивме со тоа. Сакавме да им овозможиме да си ја остварат желбата и тоа го направивме“, рече Јане Миланов од СДСМ, претседател на Советот на општината.
Но, на истата седница советниците од ВМРО ДПМНЕ по само еден час работа им се оддолжија на своите колеги од СДСМ и коалицијата. Имено, тие се сложија за пауза од 30 минути за коалиционите партнери од владејачката партија да можат да бидат на градскиот плоштад „Слобода“ каде Никола Тушев, претседател на Општинската на СДСМ го најави вечерашниов митинг за референдумот за влез на нашата држава во ЕУ и НАТО на кој ќе говори премиерто Зоран Заев.
Инаку, иако се очекуваше седницата да биде бурна, пред се поради тоа што на дневен ред се најде работата на ЈП „Исар“ за што имаше најави дека опизиционите советници ќе направат повеќечасовна дебата, до тоа сепак не дојде. Седницата траеше околу четири часа, во однос на работата на ЈП „Исар“ имаше различни видување, но целата дебата помина во коректна атмсофера.