Делчево, 24.03.2021
Од денеска започнуваат обуките за инструкторите, а согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2 за Делчево и М. Каменица, обуките за попишувачите ќе започнат од недела 28 март. Во Општинската пописна комисија, пристигна и потребната опрема, како и средствата за дезинфекција, маски и слично согласно со протоколите за заштита од ковид 19.
Градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, истакна дека радува фактот што подготовките за спроведување на најголемата статистичка операција на која чекаме 20 години, се одвиваат без проблем во Делчево.
-Податоците од Пописот се потребни за сите, на општината, на бизнис -секторот, на невладиниот сектор и на самите граѓани. Општините можат да го планираат својот развој и да носат одлуки за инвестициите (дали ќе градат станови, училишта, градинки, детски игралишта, библиотеки, амбуланти, домови за стари лица); ќе можат да ги планираат услугите што ги даваат на граѓаните, ќе можат да ги планираат и правилно трансферираат буџетските средства со кои располагаат, а истовремено ќе имаат и основа за побарување повеќе средства, како буџетски така и од ЕУ- фондовите , рече Трајковски.
Трајковски порача дека бојкотот и неучеството во пописот е антидржавен чин, казнив со закон.
-Повикот за бојкот е најлошата одлука што може да ја донесе некој политички субјект, бидејќи носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно; повикот за бојкот е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект. Успешен попис е наша должност кон идните генерации.
Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата, порача Трајковски.
Инаку, согласно со податоците на Општинската пописна комисија за реон 2, односно за Делчево и М. Каменица, а врз основа на успехот од тестирањето, територијалната распространетост, правичната застапеност и социјалната структура, од пријавените кандидати избрани се 72 попишувачи, 7 инструктори и 7 резеревни попишувачи или вкупно 86. За Општина Делчево избрани се 52 попишувачи, 5 инструктори и 5 заменици- попишувачи, додека за Општина М.Каменица избрани се 20 попишувачи, 2 инструктори и 2 заменици попишувачи.
Даниела Такева