Штипскиот СВР денес поднесе кривична пријава против А.Б.(42) и З.Б.(37) двајцата од Штип поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Пријавените во текот на 2016 година противправно изведувале градби на објекти на земјоделско земјиште во сопственост на Република Македонија во атар на с.Таринци, општина Карбинци. Тие ова земјиште бесправно го узурпирале со намера да градат и со тоа ги уништиле природните својства на недвижноста, а без притоа да обезбедат Одобрение за градење.
Лицето А.Б. е всушност Ангел Бојаџиев, директот на ЈП „Исар“, за кого, во штипската јавност, кружат мал милион пикантни приказни за сторени незаконитости. За тоа дека директорот на „Исар“ гради незаконито во атарот на село Таринци се говори неколку месеци, а денес Секретаријатото за внатрешни работи во Штип објави дека против ова и уште едно друго лице е поднесена кривична пријава.
Исток прес ќе го следи расплетото на овој случај и навремено ќе ја информира јавноста за своите наоди.