Во Делчево во управувачките органи на локалните институции има 21 жена наспроти 8 мажи, а на раководни функции во општинските институции се назначени 3 жени наспроти 4 мажи. Но, сепак, жените не се само бројки ниту проценти, порачаа денеска учесничките на трибината организирана по повод Меѓународниот ден на жената од КЕМ на Општина Делчево, ЈЛБ „Илинден“ и Советот за социјална заштита на која учествуваа нивните членки, како и пратеничката во Собранието на РСМ, Соња Михаиловска.
Жените денеска дискутираа за состојбата на родовата еднаквост во Делчево и социјалните политики, проблемите во социјалната сфера и семејното насилство, но и улогата на жената во јавните политики.
Билјана Петровска, директорка на ЈЛБ „Илинден“ на почетокот на трибината истакна дека на овие теми не се зборува само на 8 Март, туку се зборува, работи и дејствува секој ден, но сепак, овој ден е повод повторно да се отворат темите.
– ЈЛБ„Илинден“ можеби нема директна поврзаност со овие теми, но секогаш дава поддршка за родовата еднаквост да не биди само на хартија. Воедно, како позитивен факт ќе наведам дека од вкупно 580 членови-читатели во библиотеката, 450 се жени. За нашите читателки чувствуваме потреба гласно да размислуваме на овие теми, истакна Петровска.
За родовиот концепт низ призмата на законите, еднаквоста во правата и слободите и еднаквото вреднување на постигнатите резултати зборуваше Весна Димитровска, професор по социологија во СОУ „М.М.Брицо“, додека за семејното насилство како честа форма на насилство на која најмногу се изложени жените, зборуваше Маријана Стоименовска, претстедател на Советот за социјална заштита на Општина Делчево која истакна дека мрежата на достапни услуги за помош и поддршка на жртвите претставува предуслов за елиминирање на насилството.
Сепак, евидентен е напредокот кој во последните децении е остварен на полето на рамноправноста, но положбата на жените во многу сегменти во општеството и денес не е изедначена со онаа која ја имаат мажите, потенцираше координаторката на КЕМ на Општина Делчево, Сузана Петровска, која се осврна на значењето од функционирањето на Комисијата за еднакви можности.
– Комисијата е битна алка во овој синџир на институции кои ја третираат родово одговорната политика и женските активи при политичките партии. Кај нас во Делчево сè уште нема женска НВО, што е голем хендикеп за Општината. Многупати апелираме еве и денес ќе кажеме дека жени од сите политички партии и националности треба да се обединат и да се формирајте силна НВО, која ќе се бори за нашите заеднички права. Во таа насока од голема помош ќе ни бидат веќе етаблираните жени политичарки и активистки за женските права, истакна Петровска.
На полето на родовата еднаквост, Општина Делчево е една од ретките општини кои ја имаат потпишано Европската повелба за рамноправност на жените и мажите во локалните заедници, а со помош на НВО КХАМ, Општина Делчево има подготвено Стратегија за родова рамноправност за регионот Делчево, Берово и Пехчево, Акциски план за спроведување на таа Стратегија, а КЕМ редовно изработува годишна програма за еднакви можности на жените и мажите и сл.