Штип, 14.06.2019
На вчерашната седница на Советот на општина Штип видовме настан кој речиси се нема случено во некој наш локален парламент.
На дневен ред беше приватизацијата на фудбалскиот клуб Брегалница како единствено умно решени со добивање на благороден доминантен сопственик на акциите клубот да си избори место во елитната македонска фудбалска лига.
Во дебатата по ова прашање, меѓу другите, учествуваа и градоначалникот Благој Бочварски како и советникот Иван Јорданов, инаку претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ .
Бочварски рече дека со овој потег тој лично, а и локалната власт предводена од СДСМ и коалицијата, исполнуваат уште едно предизборно ветување. Ветување дека Брегалница ќе продаде доминантен дел од акциите за клубот да добие сопственик по мерка при што значително ќе се намалат давачките на општината кон него.
„Брегалница постои 98 години, тоа е љубов и традиција поголема од сите нас зашто ние доаѓаме на власт и си заминуваме од неа, а клубот опстанува со децении како спортска гордост на Штип. Го поздравувам потегот на Советот на општината кој донесе одлука 51 процент од акциите на клубот да одат на берза. За Штип доаѓаат многу посветли моменти кога е во прашање најпопуларниот спорт во светот“, рече Бочварски на што одби голем аплауз од сите советници и од „своите“ но и од опозициските.
Советникот Иван Јорданов во краткиот говор појасни дека тие како опозиција отсекогаш работеле ФК Брегалница да биде приватизирана, да добие квалитетен доминантен сопственик, да се врати во друштвото каде што и е местото. За своето обраќање, став и поддршка на процесот Јорданв, исто како и Бочварски доби аплауз на отворена сцена при што неговиот став посебно беше поздравен од владеачките советници.
Ова секако е настан без преседан во нашата понова политичка пракса. Но треба да се нотира дека во досегашната работа на Советот на општина Штип опозицијата освен што е посветен и остар критичар на некои состојби во општината, честопати знае да поддржи квалитетни предлози кои доаѓале од владеачката структрура, а кои се од капитално значење за градот.
Би се рекло – за Штип, со ваков Совет, има надеж.
Иван Бојаџиски