Штип, 23.08.2018
Штипските археолози се пред крај со археолошките ископувања на трасата од експресниот пат Штип-Радовиш кои ги започнаа во месец мај, оваа година. Стручна екипа од 20 лица и од 80-100 работници неполни четири месеци работеа на три локации за кои беше познато дека можат да имаат вреден археолошки материјал кој квалитетно треба да се пронајде и конзервира. Две од локациите се во атарот на општина Штип, една во општина Радовиш.
„Главниот акцент на заштитните археолошки истражувања го ставивме на локалитетот Пилав Тепе кај селото Брест. Kaко што и очекувавме тука ги пронајдовме и највредните и најзначајни материјални и културни остатоци од минатото. Овој локалитет зафаќа и најголем простор на трасата која ние моравме во најкус временски рок да ја „ослободиме“ за на неа да можат да се посветат градителите на патот. Успеавме во тоа и наскоро ќе го напуштиме овој терен зашто пред нас се нови предизвици“, вели Мите Штерјов, директор на Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип.
Присобраниот движен археолошки материјал е прилично скромен. Најчесто се тоа садови од керамика, скифоси, кантароси, ехинос паници, ихтии…Но, посебен куриозитет е пронаоѓањето на скелет од коњ кој потекнува од IV век пред нашата ера, а кој бил жртвуван. Нозете на коњот биле врзани во делот на потколениците за да не може да рита, а преку муцката имал бронзен обрач со кој се оневозможувало да вриска и да каса. Положбата на черепот кој лежи на темето, како и на извртениот врат укажува на тоа дека тој бил заклан и оставен да искрвави. Покрај черепот на коњот е пронајдена и неговата узда.
„За неколку дена го напуштаме овој терен и од идниот месец се посветуваме на Хусамедин Пашината џамија кја народот ја знае како црквата „Свети Илија“. Таму прво ќе вршиме археолошки истражувања а објектот ќе го претвориме во уметничка галерија. Планираме оваа работа да ја завршиме до крајот на годината. Потоа ќе продолжиме со археолошки истражувања во општина Конче па на новиот експресен пат Штип-Кочани каде ќе работиме на локалитетот „Манастирче“ кај селото Чардаклија“, потенцира директоррот Штерјов.