Штип, 11.01.2021
Одлуката на неколку комисии како помошни тела на Советот на Општина Штип за зголемување на цената на водата за 20 денари месечно просечно по домакинство за оваа година ја предизвика опозициската ВМРО ДПМНЕ преку изјава за медиумите да го кажат своето мислење во однос на оваа тема.
Еве што рече опозициската советнчка Христина Серафимовска:
-Би сакале да ја известиме јавноста дека на дневен ред на денешната седница на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој на општо изненадување на сите граѓаните се најде Одлуката за утврдување на тарифата за снабдување со вода за пиење, како и тарифа за собирање и одведување на урбани води. Станува збор за покачување на цената на водата што ја користат штипјани за периодот од 2021 до 2023 г. со што е предвидено градациско покачување на цената на водата во секоја наредна година. Па така според просечната тарифа м3 вода штипјани оваа година ќе го плаќаат приближно 38 ден, односно 37.77 ден за м3, додека во 2023 цената би достигнала нешто над 40 ден, рече Серафимовска.
Таа додаде дека ваквото значително покачување на цената на водата не било резултат на зголемената куповна моќ на граѓаните, туку претставува уште едно оптоварување на семејниот буџет е повеќе од очигледно.
-ВМРО ДПМНЕ веќе подолго време предупредува за расипничкото владеење и неефикасно управување на институциите од страна на СДСМ. За жал цената за сето тоа е на товар на граѓаните и како новогодишна честитка пристигна уште на почетокот на годината, рече советничка Серафимовска.
На одговор од „прозваната“ страна не се чекаше долго. Еве го ставот на СДСМ:
-Предлог одлуката за покачување на водата е врз основа на важечките законски регулативи и ингеренциите на Регулаторната комисија за изготвување на мислење кое е облигаторно. Ваквата предлог одлука е со цел да се овозмоши непречено функционирање на претпријатието. Во изминатиот период јавното претпријатие инвестираше во изградба на нови бунари што резултира со зголемување на трошоците за тековно работење. ВМРО ДПМНЕ како да забораваат дека додека тие беа на власт со само една одлука и без направена анализа ја зголемија цената на водата за неверојатни 39% што е еден од показателите за нивното несовесно и криминално раководење со претпријатието. ВМРО ДПМНЕ треба да им каже на граѓаните дека цената на водата за пиење и понатаму ќе биде поевтина од онаа која беше за време на нивното владеење. Јавното претпријатие во изминативе три години работи без загуби што не беше случај за време на нивното владеење. Во тој период растеа цените за услугите кои ги нуди јавното претпријатие, а несфатливо беше како растеа и загубите на претпријатието, порачаа д владеачката партија.