Штип, 25.06.2019
Преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Општина Штип доби финансиска поддршка во висина од 55.000 евра наменети за инфраструктурни зафати во рурални средини.
Овие пари ќе се искористат за реконструкција на неколку улици во населба Караорман со комплетно нова асфалтна инфраструктура.
Улиците се во должина од 1220 метри или 3700 метри квадратни, од кои 1000 метри или 3200 метри квадратни ќе се реконструираат со парите од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а останатите 220 метри или 500 метри квадратни ќе се реконструираат со пари од Општина Штип.
„Аплициравме за средства од Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој и веќе добивно одобрение за финансирање на 55.000 евра, средства за изградба на улиците за кои веќе поднесовме проект.
Остатокот од средствата ќе бидат инвестирани од страна на Општина Штип и токму затоа можам да кажам дека околу 80.000 евра е проектната вредност на улиците коишто ќе бидат инвестирани во населбата Караорман,“ објави градоначалникот Благој Бочварски.
Општина Штип пред неколку дена од свои средства заврши со реконструирање на пристапна улица со бехатон. Локалната власт продолжува да работи на решавање на суштинските потреби и проблеми на граѓаните.