Штип, 20.04.2019
Ацо Шопов, револуционер, поет и дипломат на денешен ден во 1982 година замина во вечноста. Штип секоја година, на овој ден, го чествува неговото големо и револуционерно и поетско дело.
Синоќа, во спомен собата на Ацо Шопов, во Центарот на култура кој го носи неговото име, беше промовирано најновото поетско дело на истакнатиот штипски и македонски поет и раскажувач Благој Самоников. Поетското дело е сдумнаесетто по ред на Самоников и е со наслов „Песни за мали и големи деца“. Благој Самоников долго време беше директор на Домот на култура во Штип и по негова идеја е отворена спомен собата на Шопов.
„Ацо Шопов е еден од најзнаменитите европски поети-лиричари, неговата поезија УНЕСКО ја заштити како културно добро од врвно значење за европската и свестка литература и култура“, рече на промоцијата писателот Трајче Кацаров.
За најновото поетско дело на Самоников говореше проф.д-р Јованка Денкова.
„Поетот за првпат преку својата поезија прогорува за помладите читатели. Поетското дело „Песни за мали и големи деца“ на Самоников поттикнува интерес за многу често поставуваното прашање за карактерот за книжевноста за деца , за нејзината блискост со општата книжевност“, порача Денкова препорачувајќи го ова дело на децата но и на возрасните.
Денес напладне пред бистата на Ацо Шопов претставници на Општина Штип, на Советот на општината, на Боречката организација и на СДСМ, положија свежо цвеќе. Од името на Општина Штип свежо цвеќе положи градоначалникот Благој Бочварски. За целокупното дело на Шопов говореше Перо Мицевски, од боречката организација во Штип.