ШТИП: Големо признание за АКТИВА, стана најновата премиум членка на Македонско-Германската стопанска комора
Штип, 11.02.2022
Штипска Актива доби ново големо признание станувајќи премиум членка на Македонско-Германската стопанска комора. Во оваа комора има само осум премиум членки од нашата држава.
-Во Македонија функционираат германски фирми, а нивната Стопанска комора отвори оддел и за Република Македонија, Албанија и Косово. Во комората членуваат наши фирми кои остваруваат соработка со фирми од Германија. За нас ова е големо признание и можност за нов развој зашто како членка на оваа комора ќе бидеме во можност да ги добиваме сите важни информации за можна соработка со компании од Германија, ни изјави Иле Николов, првиот човек на Актива.
„Актива е одличен пример за компанија – добавувач од Северна Македонија, која од градежна компанија која започна со изградба на фабрички објекти на повеќе германски, но и други странски инвеститори во Северна Македонија, а се разви во компанија која е водечка во металопреработувачката индустрија“, изјави Патрик Мартенс, првиот човек на комората по посетата на штипскиот колектив.
Компании од Македонско-Германското стопанско здружение ќе можат да се поврзат со фирми купувачи од Германија, но и од други европски држави. Учеството во овој проект е бесплатно единствено за компаниите-членки на Mакедонско-Германското стопанско здружение (DMWV). Со ова им овозможуваме на компаниите да стане дел од глобалниот синџир на добавувачи во Германија“, се вели во брифингот од Германското здружение.
Според Иле Николов, Актива долго време има најтесна соработка со светски познатата компанија Тисен Груп од Германија, а преку неа и со уште три-четири други германски компании.
Од Источнјот регион премиум членки на оваа комора е и Квенбергер Логистик Македонија чие седиште е исто така во Штип.
„За 2022 година наш ексклузивен партнер е ПроКредит Банка Македонија. Покрај постојните шест премиум-членки, Авицена, EOS Matrix, ЕВН Македонија, Македонски Телеком, Макпетрол и Quehenberger, здружението се прошири за уште две компании премиум-членки. Станува збор за фирмата Актива од Штип и фирмата Мајорел, ќерка фирма на најголемата издавачка куќа во Германија, Bertelsmann SE & Co. KGaA“, рече Патрик Мартенс.