Штип, 01.03.2018
Точно 1.200.000 денари од општинскиот буџет годинава ќе бидат наменети за поддршка на проекти на кои во законски рок ќе ги поднесат Здруженија на граѓани и фондации. Нивна единствена задача ќе биде да да поднесат проекти во однос на приоритетните области содржани во Стратегијата за Локален економски развој на Општина Штип од 2012 до 2017 година. Тие проекти се од областите економија, туризам; инфраструктура; здравство и социјала; образование, култура и спорт; животна средина.
Според Кристина Костова, консултантка за комуникации на градоначалникот Благој Бочварски овие средства ќе бидат распределени врз основа на јавен повик објавен од страна на градоначалникот преку Одделението за ЛЕР за доделување средства на здруженија и фондации. Јавниот повик е објавен на веб страницата на Општина Штип и во средствата за јавно информирање, а на основа на Методологија за доделување финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации од буџетот на Општина Штип изгласана на седница на Совет на Општина Штип. –„Јавниот повик се објавува денеска, а планиран термин за реализација на проектите е од први мај до десетти декември во тековната година’, информира Костова.
Проекти се од областите економија, туризам; инфраструктура; здравство и социјала; образование, култура и спорт; животна средина, а ќе бидат поддржани со суми од 50.000 до 300.000 денари.
Здруженијата или фондациите кои ќе изразат интерес за јавниот повик може да побараат најмалку 50.000 денари, а најмногу 300.000 денари за поддршка на проектот со кој се пријавуваат.
„Јавниот повик трае 20 дена од денот на објавување на повикот, а пријавата со целокупната документација треба да се достави најдоцна до 20.03.2018 година во архивата на Општина Штип или преку пошта“, рече Кристина Костова.
Сите детални информации во врска со пријавувањето за финансиска поддршка на проекти од здруженија и фондации ги има во јавниот повик, којшто е објавен на официјалната веб страница на Општина Штип. Градоначалникот на Општина Штип и локалната самоуправа ги повикуваат сите заинтересирани здруженија и фондации да се пријавуваат.
„Овој јавен повик е со цел да се продлабочи соработката со невладиниот сектор и сите општествени чинители вистински да се вклучат во процесот на создавање рамноправно општество коешто нуди можности за сите. Ваквата соработка претставува чекор напред во реализирањето на заложбите на градоначалникот на Општина Штип за институционализирање на соработката, промовирање, поддршка и унапредување на партнерските односи со граѓанскиот сектор“, заклучи Костова.