Штип, 09.02.2020
Како работат наште јавни претпријатија во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот? На ова прашање istokpress.mk одговор побара од ЈП „Исар“ кое претпријатие е алфа и омега на животот во регионалниот центар во Источниот плански регион. Штипското јавното претпријатие работи со намален број вработени, а со самото тоа и активностите се со намален обем поради што во следните месци ќе се соочи со намален прилив на финансиски средства.
-Имаме намален бројот на вработени како резултат на мерката на Владата за ослободување на вработените кои имаат деца до десет годишна возраст и на хронично болните лица, а исто по препорака на Владата дел од вработените го користат годишниот одмор за 2019 година. Како резултат на ова ЈП Исар има и намален обем на работни активности, вели директорот Живко Тасев.
Со оглед на фактот дека поголем број од луѓето во Штип се главно дома, а некои од стопанските субјекти работат со намален интензитет, за очекување е дека би можело да има промени во потрошувачката на вода.
-Она кое за нас е најважно е фактот дека градот и приградските населби не сме ги оставиле без вода. Но, во однос на дневната потрошувачка фактурираната вода за месец март кај правните субјекти е намалена, а кај физичките лица нема некои поголеми отстапување. Тоа за нас значи помал прилив на финансиски средства, нагласува Тасев.
Она кое прави разлика се теренските активности на екипите од работната единица Комунална хигиена.
-Тука имаме дури и зголемени активности од причина што сите наши ресурси се целосно ангажирани за собирање на смет, дезинфекцирање на јавни површини и површините околу контејнерите. Другите теренски активности се со намалена динамика, констатира директор Живко Тасев.
Натамошната реализација на програмата и во летниот период ќе зависи од тоа колку ќе трае вонредната состојба предизвикана од коронавирусот. ЈП Исар ќе направи сé градот да не остане без вода, комуналната хгиена да биде на потребното ниво, исто и зелените јавни површини…
-Како и сите јавни претпријатија и ЈП Исар се соочува со проблемот со намалена наплата на своите побарувања . Наплата е намалена од 25-30 проценти.
И.Б.