ШТИП: Конечно, тротоари кон Кампус 4 на УГД

Штип, 19.09.2018

Една голема потреба која стои подолго од десет години, а тоа е изградба на тротоари од кружниот ток кај бензинската пумпа на Лук Оил до Кампус 4 кој е дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ и на кој студираат голем број студенти, се рееализира. Изградбата на тротоарите е во полн ек во што се увери и градоначалникот Благој Бочварски кој во придружба на Сашко Протогеров, директор на ЈП „Стипион“ изврши увид во работните активности.

Станува збор за инфраструктурно решение кое долги години го бараа граѓаните на нашата општина, посебно жителите на населбата Железничка и студентите кои студираат на УГД, а  кои секојдневно пешачат во оваа насока во небезбедни услови.

„Во овој дел од градот нема тротоар за движење на пешаци. Се работи за површината од кружниот тек во населба Железничка, кај бензинската пумпа „Лук Оил“ до Кампус 4 на Универзитет „Гоце Делчев“, каде градиме тротоар. Овој тротоар е многу важен за граѓаните, со кои во многу разговори и во предизборната кампања, но и сега, бараат овде да се направи површина за движење на пешаците. Но, ова е важно особено за студентите коишто секојдневно одат на предавање во Кампус 4. Со ова докажуваме дека Општина Штип се грижи за студентите, за нивната безбедност, но и за да го разубавиме самиот влез во градот“, рече Бочварски.

Овој тротоар е со должина од 1,3 километри и широчина од 1,5 метри. На него ќе има 6 проширувања каде ќе бидат поставени клупи. Се работи за површина од околу 2000 метри квадратни. Оваа површина ќе биде поплочена со бехатон плочки, а целиот проект е во вредност од 2.4 милиони денари.

Со оваа инвестиција не само што се зголемува безбедноста, туку и се зголемува поврзаноста на овој дел од градот со останатите делови, а на жителите на оваа населба им се овозможуваат и повеќе места за рекреација. Со изградбата на овој тротоар предвидени се и неколку места за поставување клупи, кои ќе можат да ги користат жителите од оваа населба за време на нивните попладневни прошетки.

„Општина Штип има слух за потребите на граѓаните и гради инфраструктура којашто им излегува во пресрет на нивните барања“, порача Бочварски.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе