Штип, 05.07.2019
Опозицискат ВМРО ДПМНЕ во Штип која секој ден прави прес конференции за да ги критикува политиките на владеачката СДСМ денес до својот политички опонент упати отровни стрели во „штипската битка за младите“.
„Ветуваа живот за сите, но не можат да овозможат живот за никој, а камоли за младите во Штип. Локалната власт нема визија како да ги задржи во градот, па затоа иселувањата станаа секојдневие. Студентскиот град Штип, се претвори во место, во кое не само што нема локации за спортување и социјален живот како во Европа, туку не постојат мерки со кои би се подобрила целокупната економска состојба на секој млад човек“, рекоа од ВМРО ДПМНЕ.
Тие посака да бидат „на чисто“ па го повикаа градоначалникот да одговори за:
1.Кога почнува проектот „Младинска гаранција“?
2.До каде е со изградбата на Картинг центар?
3.Кога е отворањето на скејт паркот и болдер паркот под Исарот?
4.Дали на најуспешните учесници на меѓународни натпревари се доделија ветените стипендии?
5.Каде се реконструираните спортски сали и терени, отворени базени…?
„Младите станаа жртви на лагите и непостоечките политики на власта. СДСМ на младите им ветуваше поголеми можности и подобар стандард, но кога дојде на власт целосно ги заборави и ги остави на работ на општеството. СДСМ докажа дека воопшто не се грижи за младите во нашиот град и државата“, порачаа од опозициската партија.
На одговор не се чекаше многу. Само час-два по пресот стигна реакцијата од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ со своите децениски криминални активности го девастираше македонското општествено ткиво, го сроза македонското стопанство, ги укина правата и слободите на сите кои не се согласуваат со нивните злосторнички идеали и на тој начин избркаа над 600.000 млади. Тоа злодело на ВМРО-ДПМНЕ, тој миграциски геноцид не се заборава и не се простува.
Актуелната Влада предводена од СДСМ прави силни напори да ги ублажи последиците од разјареното и забегано владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Доказ за успешноста на работата на СДСМ е што повторно се вратија на голема врата ЕУ перспективите за сите млади и воопшто за сите граѓани.
Влегуваме во НАТО, а сѐ поизвесни се пристапните преговори за влез на нашата земја во Европската Унија. Тоа е факт кој никој не може да го оспори, особено не злонамерните гласноговорници на ВМРО-ДПМНЕ кои активно работат на уназадување на нашата земја“, порачаа штипските социјалдемократи.
Тие нотираа дека и покрај опструкциите и немањето ниту грам конструктивност и волја за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ прави значајни успеси за подобрување на општата положба на граѓаните.
„Имено, невработеноста во земјата го достигна најниското ниво во историјата и падна на 19,4%. Креирани се 26.600 работни места во текот на изминатата година. За оваа година издвоивме рекордни 1.1 милијарда денари што претставува историски највисок износ што некоја Влада до сега го обезбедила за поддршка на отворање на нови работни места. Во периодот јануари – декември 2018 година вкупниот број нововработени е повисок за 10,9% во однос на истиот период од 2017 година.
Владата силно го поттикнува претприемништвото кај младите луѓе, преку мерките за самовработување од Агенцијата за вработување, со обезбедување на грантови во висина од 5 илјади евра за поединец или 10 илјади евра ако станува збор за две невработени лица кои би ги здружиле средствата.
Обезбедивме 424 грантови за младите земјоделци од по 10.000 евра за да започнат сопствен агро-бизнис. На централно и на локално ниво интензивно се инвестира во образованието, со што се обезбедува еднаков пристап до квалитетно образование и стручност на идните генерации“, порачаа од СДСМ.
Одтаму рекоа и тоа дека ова се само дел од реализираните мерки од кои придобивка гледаат сите, само очите на ВМРО-ДПМНЕ ограничени од превезот на нивниот децениски криминал намерно не ги гледаат нивните (на СДСМ) успеси.
„Владата предводена од СДСМ ги враќа европските вредности и перспективи на младите, ги отвара вратите кон прогресивно и развиено европско секојдневие овде, во нашата земја. Младите повторно ја гледаат иднината тука“, порачаа од владеачката партија.