Штип, 08.12.2018
И штипската Клиничка болница е ставена во перманентната кавга помеѓу ВМРО ДПМНЕ И СДСМ. Тоа се случи денес кога Вишна Шорова, активистка на опозициската партија, на прес конференција пред портите на Болницата го кажа следново:
-Болницата во Штип, изградена во 1937 година, е најрелевантниот пример за изгледот на здравството во овој град! ВМРО-ДПМНЕ имаше решение како да ја замени ужасната состојба во која престојуваат пациентите и персоналот, со болница изградена по европски стандарди, но неспособната власт дури две години не може да најде заеднички јазик со веќе избраната компанија. Сето она за кое ВМРО-ДПМНЕ укажуваше во изминатиов период, конечно се покажа како вистина. Две години на објектот на Клиничката болница нема никаква градежна активност и ако судиме по тоа што досега е направено, постои голема можност и во 2020 година, објектот да го затечеме во истата состојба.
Оваа година Клиничката болница во Штип требаше свечено да биде пуштена во употреба. Од оваа година ќе се овозможеа современи услови за здравствена заштита за над 200.000 жители од градот Штип и целиот источен и југо-источен регион. Но, наместо да се грижат за граѓаните, политичката елита во Министерството за здравство изгледа повеќе се грижи како да фаворизира компании, како да вработи партиски кадар или како да полни џебови на поединци, за сметка на здравјето на сите пациенти во Источна Македонија. Изгледа власта мисли дека со одолговлекување на реализацијата на Клиничката болница, граѓаните ќе заборават чиј беше овој проект.
Затоа, по не знам кој пат, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја разбуди свеста на оваа неодговорна и неспособна власт и ја потсетува дека поминаа две години откако се на власт и со секоја постапка докажуваат дека ниту знаат, ниту можат да направат нешто за благосостојба на граѓаните, рече Шорова.
Разбирливо, на нужниот одговор не требаше да се чека предолго. Од СДСМ Штип се јавија со свое соопштение во кое почитуваните сограѓани се информираат за следново:
-Изградбата на штипската клиничка болница е запрена најмногу заради истрагата „Империја“ на СЈО, која е во тек. Станува збор за истрага за мрежата составена од сомнителни криминални бизниси спроведувани од криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, првенствено и најмногу од бегалецот од правдата, Никола Груевски, и неговиот братучед, Сашо Мијалков, кој веќе е во притвор.
Во случајот „Империја“ испрани биле речиси 11 милиони евра, а буџетот на Република Македонија бил оштетен за 6.2 милиони евра. Криминалната ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека одговорност ќе има за сите вмешани во овој случај со перење пари и оштетување на државниот буџет, без исклучок. Криминалите на ВМРО-ДПМНЕ оставија пустош, а сега од ОК Штип глумат некаква загриженост и се обидуваат да манипулираат.
Но, граѓаните знаат и за нивните лаги и лицемерие, но и за сите искрени напори кои сегашната власт ги прави за да се вратат работите на нормален и правилен колосек. Клиничката болница во Штип ќе биде изградена, а криминалците ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.