Штип, 21.01.2020
Од државниот буџет Штип ќе добие пет милиони евра за да може да ја комплетира адаптацијата на филтер станицата за таа да може квалитетно да ги прифати, пречисти и до домовите на штипјани да ја дистрибуира површинската вода од регионалниот хидросистем „Злетовица“.
Ова денес го најави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство при својата посета на овој објект. Според Димковски тендерот за нова опрема, но и за доизградба на друг објект во рамки на филтер станицата е распишан, и тој ќе се затвори на 5 февруари.
Целта на Владата е хидросистемот Злетовица да се стави во функција, бидејќи во моментов со вода за пиење од него се снабдуваат само две општини, а тоа се Пробиштип и Свети Николе, додека за водоснабдување од регионалниот хидросистем на Штип, Карбинци и Лозово се потребни дополнителни инвестиции.
-За изградба на филтер станица за потребите на Општина Карбинци тендерот е затворен, а е избран и изведувачот. Проектот е проценет на 85 милиони денари, а во Штип проценетата вредност е 290 милиони денари за доизградба на филтер станицата со најсовремена технологија односно со ултрафилтрација. Така што се очекува на 5 февруари да се затвори повикот односно оние фирми што имаат пројавено интерес нивните апликации ќе се разгледаат и многу бргу очекувам да се започне со активностите, бидејќи парите се обезбедени во буџетот преку МЗШВ, објави Димковски.
Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски забележа дека со преадаптацијата на филтер станицата и новата опрема Штип долгорочно го решава проблемот со водоснабдувањето. Се очекува изградбата и опремата да биде изградена во рок од една година.
-Со тоа го решаваме долгорочно снабдувањето со вода на градот Штип, рече Бочварски. Ова е посебно значајно ако се има во предвид дека во услови на климатски промени кои се одразуваат и врз нивото на подземните води во бунарите ваквите инвестиции се потребни за градот Штип. Во моментов од постојниот бунарски систем филтер станица преработува и дистрибуира вода до граѓаните од 180 до 200 литри во секунда, но со новата инвестиција во филтер станицата, дистрибуцијата на водата за пиење ќе биде и до 300 литри во секунда, рече Бочварски.