Штип, 04.02.2022
Штип денес со низа свечености ја одбележа 150 годишнината од раѓањето на идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Пред бистата на Делчев во кругот на ректоратот на Универзитетот кој го носи неговото име, делегации на Општина Штип, на УГД, на политички партии, на боречката организација, на АРМ положија свежо цвеќе.
Во Националната установа-Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ се одржа мултикултурен настан со изложба на цртежи на ликот на Гоце, дело на ученици од Основното училиште кое исто така го носи името на револуционерот, а со изворни народни песни настапија ученици од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“.
Во епицентарот на настанот беше промоцијата на книгата „Чекорење во осаменост“ од м-р Трајче Кацаров. За творечкиот опус на Кацаров зборуваше новинарот Иван Бојаџиски, кој рече дека не познава поголем работник во културата од Кацаров кој за три децении има објавено над 50 книги поезија, проза, есеи и книги за деца и голем број колумни во разни весници. Копозиторот, музичар и пејач Роберто Поп Димитров изведе песна на стихови на Кацаров.
-„Чекорење во осаменост“ е книга театролошки записи во која има и рецензии на десеттина театарски претстави одиграни во тетатарот во Штип . Во книгата се поместени и кроки портрети на актери и режисери со кои сум сораборувал почнувајки од Ѓорѓи Колозов, Коле Ангеловски, Васил Шумански, Страшко Милошевски, бугарскиот режисер Пламен Марков, нашиот Бранко Ставрев , а е поместен и осврт на ликот и делото на Димитар Зајков, актер од најстарата генерација во Штипскиот театар, рече Кацаров.
Тодор Џидров, директор на библиотеката која го организира настанот, на институции и поединци им врачи благодарници за плодната соработка.