ШТИП: Регионот никогаш нема да изгради заедничка депонија за најсовремен третман на отпадот

Штип, 12.02.2022

Изградбата на регионалната депонија за најсовремен третман на отпадот, која требаше да се гради во атарот на селото Мечкуевци во општина Свети Николе сериозно е доведена во прашање. И покрај од поодамна донесената одлука со потпис на сите градоначалници од Источниот и Североисточниот регион токму кај ова село да се гради најсовремена „фабрика за преработка на отпад“ бидејќи тамошната локација била најпогодна, од завчера е јасно дека тоа нема да се случи.

Имено, на завчерашната седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, а за која потреба е формирано и ЈП „Еко исток-северо исток“, светиниколскиот градоначалник Дејан Владев, беше дециден дека таква градба на територијата на нивната општина нема да има.

-Жителите на нашата општина се против идејата за изградба на регионална депонија кај селото Мечкуевци, ние тој став ќе го официјализираме и со одлука на наредната седница на Советот на Општина Свети Николе. Ние ќе ја напуштиме оваа идеја, изјави Владев.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов пак смета дека една ваква одлука на Општина Свети Николе ќе има далекусежни негативни последици по однос на реализацијата на еден ваков проект. -„Ова ќе значи враќање на работите на почеток, јасно е сега дека ова прашање треба да се решава на повисоко ниво“, изјави Јорданов.

Наше мислење е дека регионот никогаш нема да изгради регионална депонија иако за неа преку Центарот за развој на Источниот плански регион се обезбедени најголем дел од средствата кои се во милионски суми евра. Скептицизмот доаѓа од фактот дека над две децении регионалната депонија е тема која високо се држи на регионалната агенда, но населението во секоја од општините на чии територии била избирана погодна локација за градба се спротивставувале на идејата. Се под мотото „ние сме да се гради депонија ама не на наша територија“.

Во сите овие години за овој регионален проект беа избирани локации помеѓу селата Тркање и Бања-кочанско, па се атакуваше на Трештена Скала кај Штип која е сега општинска депонија, на времето изборот падна на простор помеѓу Виница и Делчево (кај Биглата) , имаше идеја и за локација на територија на општина Македонска Каменица, но од сето тоа не биде ништо бидејќи сите ја сакаа депонијата ама не на нивен терен.

Како понатаму ќе се одвиваат работите воопшто не е јасно, но се поизвесно станува дека двата региони со триесеттина општини никогаш нема да имаат заедничка, модерна и ефикасна регионална депонија.

(и.б.)

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе