ШТИП: Советниците го сотреа градоначалникот Захариев
Штип, 30.08.2017
- МИТАШЕВ ДО ЗАХАРИЕВ „Четири години немавме доволно соработка, а работата отиде до таму да бидат блокирани телефони на советници кога требаше да се решаваат важни прашања за општината. Никој не сака кај вас дома да дојде, одбивте состанок со координаторите на советничките групи поради што изгубивме една добра работа. А вие сé што ни пративте до Советот ние го поминавме, не дека многу ве сакаме туку зато што тоа ни е работа“
Илчо Захариев, самобендисаниот градоначалник на Штип, денес доби тешки шамари и од советниците на својата партија ВМРО ДПМНЕ. На седница на Советот на општината мноштвото советници станаа против самоволијата на Захариев, за кои рекоа дека не биле видени во ниту една друга наша општина.
Во делот од расправата за приходите и расходите во буџетот за првата половина од годинава, Влатко Миташев, претседател на Советот кој е од вемерето, рече дека на овој план Штип има поразителни реззултати. –„Тоа што од 1,7 милиони денари наменети за невладините организации се трансферирани само 20.000 денари, тоа што од 550.000 денари за социјални намени се трансферирани само 44.000 денари само ни говори дека како општина не сме воделе социјална политика, дека не сме воделе грижа да бидат задоволни реалните барања на граѓаните“, рече Миташев.
Беше споменат и податокто дека од планираните 200.000 денари за дневни и патни трошоци на советниците не бил потрошен ниту денар, што е факт кој говори дека советниците не можеле да ја остварат својата функција на контакти и размени на мислења и идеи со свои колеги од други општини па и од странство, да присуствуваат на обуки и семинари.
„Требаше да одиме на важно советничко советување во Маврово јас и советничката од ВМРО ДПМНЕ Маре Данкова. Побаравме да ни биде обезбеден превоз, на тоа имаме право, градоначалникот не упати да одиме со автобус иако добро знае дека добри линии Штип-Маврово нема. Наредниот ден тој во Маврово си ги прати на прошетка возачот, кафекуварката и двајцата советници за односи со јавноста. Така лица кои тој ги смета за блиски добиваа предност пред советниците избрани од народот“, рече Ленче Рунтева, советничка од СДСМ.
За Ибрахим Асанов, советник од Демократската партија на турците која е во коалциија со ВМРО ДПМНЕ одделни потези на Захариев воопшто не биле во ред.
„Во Почивало живеат 40 лица, четири години ветувавте дека ќе го асфалтирате патот до селото, наместо тоа го асфалтиравте патот до Степанци, село во кое живеат само три лица. Нели беше подобро нив да ги преселите во Штип, a да си го остваревте ветувањето кое го дадовте на луѓето од Почивало“, јавно праша Асанов.
Сепак, најшокантно на седницата делуваше дискусијата на претседателот на Советот Влатко Миташев кој рече дека цело време за мандатот на Захариев не постоеле никакви симпатии едни кон други, односно симпатии на гарадоначалникот кон Советот и обратно.
„Четири години немавме доволно соработка, а работата отиде до таму да бидат блокирани телефони на советници кога трбаше да се решаваат важни прашања. Никој не сака кај вас дома да дојде, одбивте состанок со координаторите на советничките групи поради што изгубивме една добра работа. А вие сé што ни пративте до Советот ние го поминавме, не дека многу ве сакаме туку затоa што тоа ни е работа“, рече Миташев.
На денешната седница најинтересна беше точката за Стратегијата на државата за прием на мигранти и странци, при што Захариев, ставајќи со во функција на „Валтер ги брани Штип и Македонијa“ ја образложи целата светска геополитичка ситуација, кажа зошто Македонија треба да се штити од бегалците, но притоа не даде одговор зошто тој неговите деца си ги прати да живеат во Бугарија ако толку ги сака Штип и Македонија. Но, на оваа тема во утрешното издание на нашиот портал.