Штип, 14.02.2020
Со инвестиција од 600.000 евра Штип ќе добие затворен базен во населбата позната под името „Деснаци“ во реонот на Суитлак. Инвеститори се Агенција за млади и спорт и Општина Штип..
Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски одржаа прес конференција по повод ставање на камен темелник на затворениот базен во населбата Деснаци.
-Денес започнуваме со реализација на едно од најголемите ветувања во владината програма и повеќегодишното барање на граѓаните од Штип, а тоа е изградба на затворен базен. Овој објект ќе придонесе за развивање здрави навики од најмала возраст и развој на пливањето како спорт, од што најголем бенефит ќе имаат младите луѓе и спортистите, изјави директорот на Агенцијата, Дарко Каевски.
Градоначалникот Бочварски потенцираше дека локалната самоуправа направи големи напори за изградба на овој капитален проект кој е од големо значење за граѓаните и спортистите во Штип.
„Вложивме големи напори за почеток на градба на затворениот базен во Штип,“ кажа Бочварски.