ШТИП: Цивилизациско предавање на функција
Штип, 06.11.2017
- Д-р Влатко Миташев, поранешен претседател на Советот на општината, свечено му го предаде мандатот на Јане Миланов што од присутните на настанот беше оценето како голема културна и цивилизациска придобивка во политичкиот живот на градот и општината
Во Штип денес беше конституиран советот на Општината. По убавиот настан кој помина во коректна атмосфера, се случи нешто со што градот може да се гордее.
Иако ненајавен од никого, на седницата пристигна д-р Влатко Миташев, поранешен претседател на Советот на општината од редовите на ВМРО ДПМНЕ и посака свечено да се изврши примопредавањето на функцијата прв советник. Ова барање беше прифатено како чин на големо цивилизациско достигнување, посебно по одбивањето на екс градоначалникот Илчо Захариев достоинствено да му го предаде мандатот на неговиот наследник и сега веќе актуелен градоначалник Благој Бочварски.
„Со особено задоволство му го предавам мандатот на претседател на Советот на општина Штип на Јане Миланов со кого во минатиот состав, иако бевме од различни политички парти имавме сосема коректна соработка од интерес за градот и општината. Убеден сум дека Миланов одлично ќе ја извршува оваа одговорна функција на радост и задоволство на градот и неговите граѓани“, рече Миташев.
МИТАШЕВ: Со особено задоволство му го предавам мандатот на претседател на Советот на општина Штип Јане Миланов со кого во минатиот состав, иако бевме од различни политички парти имавме сосема коректна соработка од интерес за градот и општината
МИЛАНОВ: Му благодарам на Миташев за овој негов културен гест, му благодарам и за времето на неговото квалитетно претседателствување со Советот на општината кога заедно биевме битки за еден подобар град, за подобар живот за сите
Јане Миланов чинот на неговиот претходник го отцени како исклучителен, како гест кој отвора нови хоризонти во соработката на различни политички структури која соработка е од интерес за општината.
„Му благодарам на Миташев за овој негов културен гест, му благодарам и за времето на неговото квалитетно претседателствување со Советот на општината кога заедно биевме битки за еден подобар град, за подобар живот за сите.“, рече Миланов.
Потоа Митешев му ги предаде на Миланов клучевите од кабинетот наменет за претседателот на Советот. На настанот присуствуваа градоначалникот Благој Бочварски и сите 23 советници.