Штип, 14.10.2020
Јане Миланов, досегашен заменик градоначалник на Општина Штип е избран за в.д.градоначалник на регионалниот центар. Изборот го направи Советот на општината согласно Законот за локална самоуправа.
На седницата на Советот не присуствуваше советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Тие, на половина час пред почетокот на седницата која беше закажана да оди онлајн (преку интернет) одлучија дека нема да присуствуваат на настанот. Нивното образложение беше дека во последен час била сменета одлуката седницата наместо да се одржи во живо во салата на општината да оди онлајн.
Советничкото мнозинство пак остана на ставот дека поради експанзијата на корона вирусот здравјето на советниците е поважно од политичката желба на било која политичка групација и одлучи седницата да оди онлајн.
Во таква атмосфера советничкото мнозинство на СДСМ и коалицијата едногласно го избра Јане Миланов за в.д.градоначалник на Штип
На оваа функција Миланов ќе остане до новите, предвремени избори за градоначалник на овој град закажани за 13 деќември годинава, а ако има два изборни круга мандатот на в.д.градоначалникот ќе биде најмалку до првите јануарски денови од идната година.
Istokpress.mk дознава дека во Општинската изборна комисија независна групација граѓани ги собира потребните 250 потписи за свој кандидат за градоначалник. Засега не е познато дали и партијата Левица ќе оди со свој кандидат за градоначалник, иако во штипската јавност прво се шпекулираше со кандидатура на познат професор од УГД, а сега се засилуваат шпекулациите со името на пратеникот Борислав Крмов.
Во ова меѓувреме, двете најголеми политички партии со своите коалиции си ги мерат рејтинзите на нивните кандидати за градоначалник на Штип на предвремените избори во последниот месец од тековната година. Низ градот има мал милион шпекулации околу имињата на можните кандидати и нивните рејтинзи, но партиите овие шпекулации одлучно ги отфрлат.