Ѓуретановиќ: Пласманот на ЛОИ ми беше мотив да го постигнам мојот најдобар резултат во кариерата

На само 17 години, младиот пливач и олимпиец Никола Ѓуретановиќ, на крајот на декември минатата година стана првиот македонски пливач кој успеа да исплива 400 метри слободно, во 50 метарски базен за помалку од 4 минути. На овој подвиг и резултат му претходеа низа критики поради неговиот пласман на последното место на Летните олимписки игри што се одржаа лани во Париз, по трката на 400 метри слободно, која ја заврши со време од 4:05:38 минути. Младиот Ѓуретановиќ не се откажува од детскиот сон – да стане олимписки шампион, а во ова интервју за Мета тој зборува што значи за него пливањето, спортот со кој се бави од петгодишна возраст.

Никола, уште од најмала возраст страст ти е пливањето, постојано поставуваш национални но и меѓународни рекорди во различни пливачки дисциплини. Дали ги имаш избројано медалите кои ги имаш освоено и кои од нив ти се меѓу најдрагите?

Пливањето ми е огромна страст и љубов, а медалите искрено ги немам броено бидејќи не само што се навистина многу, туку најмногу од причина што веќе подолго време не ми е најважна бројката на медали од натпревари на кои учествувам, туку приоритет ми е подобрување на резултатите во дисциплините кои ги пливам, резултати кои ме водат кон целите за учества и пласман на најголемите пливачки шампионати.

Фото: Лична архива

Твоето минатогодишно учество на Летните олимписки игри и твојот пласман, покрај охрабрувачките коментари, предизвика и негативни реакции во јавноста. Како го поднесе тоа, како влијаеја тие коментари на тебе?

После настапот на ОИ следуваа бројни коментари, напади, па би рекол и навреди. Во првите моменти логично, не се чувствував добро и навистина тоа искуство не е лесно да се помине, но заедно со мојот тим успеавме на брз и ефикасен начин истото да го употребиме во позитивна насока. Многу ефикасно и брзо тргнавме во нов поход и за само 4 месеци го постигнав мојот најдобар резултат во кариерата. Денес знам дека луѓето кои имаа негативни коментари се луѓе кои освен што немаат допир со врвниот спорт или пливање, најверојатно се луѓе кои поради сопствениот неуспех имаат комплекси во животот и навистина ми е жал за нив, но сепак не се лутам и свесен сум дека врвниот спорт носи такви моменти и различни напади. Во секој случај, имаше и многу позитивни коментари. Среќен сум што како многу млад заедно со мојот тим ги поминуваме овие процеси кои се дел од врвниот спорт.

Уште отсега се подготвуваш за европското и за светското првенство кои ќе се одржат претстојното лето. Кој е твој тренер, дали се напорни подготовките?

Пливањето како спорт бара подготвовки преку целата година во долга низа на години работа. Во пливањето и трките невозможен е брз успех. Работам и се подготвувам навистина долг период, речиси од кога почнав да тренирам како мало дете. Тренирам во клубот Вардар 2018 со тренерот Горан Стаменов. Тренинзите, подготовките и се што е потребно е континуиран и тежок процес, но јас тоа го сакам и сум целосно посветен на цела жртва потребна за да стигнам до целите.

Колку пливачкото искуство низ годиниве те дефинираше целокупно како личност?

Искуството е многу важно и тоа е она кое веќе ми дава силна самодоверба во сите следни предизвици. Пливањето го дефинира мојот карактер. Верувам дека сум на прав пат токму поради мојата упорност, дисциплина, константност, поради мојот карактер.

Во интервју кое го правевме пред пет години, кога ти имаше само 11, кажа дека твој сон е да бидеш олимписки шампион. Чувствуваш ли дека си сè поблиску до остварување на твојот детски сон? 

Веројатно секое дете сонува за најголемите цели и тие сонови ги следат низ животот. Сè уште ги имам тие соништа, но свесен сум дека само дисциплинираната работа и упорност ќе ме однесат од една кон друга, поголема цел. Верувам дека можам да си зацртам големи цели и затоа верувам во најголеми соништа, но сепак, да одиме чекор по чекор. Секогаш се чувствувам подготвен да зграбам нова цел и досега тоа ми успева. Ќе продолжам да работам со темпото кое ми носи успеси и заедно со мојот тим ќе донесеме најголеми резултати за Македонија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе