Делчево, 30.10.2018
Во Делчево ќе се гради првата улица во новата населба „Пролет“ во должина од 261 метар. На јавната набавка за најповолен понудувач е избран економскиот оператор „ОСД Кирил“ ДООЕЛ Скопје кој треба да ги заврши работите во рок од два месеци од потпишување на договорот. Вредноста на проектот е 2.375.340 денари со вклучен ДДВ.
Во Делчево ќе се реконструира дел од ул „Македонска“ во населбата Милково Брдо, во должина од 190 метри на која веќе е изградена атмосферска канализација. Средствата во висина од околу 3 милиони денари со пресметан ДДВ, се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево. Јавната набавка за изградба на улицата ќе се распише деновиве.
Планирана е и доизградба на дел од ул. „Никола Јонков Вапцаров“ во должина од 80 метри, односно покрај паркингот кај ТППЕ во Делчево. Вредноста на инвестицијата е 840 илјади денари и тие средства се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.
Исто така, ќе се гради и улица во селото Габрово во должина од 198 метри, а предвидените средства за изградба на оваа улица се во износ од 1,4 милиони денари. Електронското наддавање за избор на најповолен понудувач е закажано на 9 ноември.
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека во буџетот за реализација на овие инфраструктурни проекти се предвидени околу 8 милиони денари.
-Приоритет за нас е решавање на инфраструктурните проблеми. За таа цел изработени се проектни документации и обезбедени се средства во висина од околу 8 милиони денари за изградба на првата улица во новата населба Пролет, изградба на улица во селото Габрово, која жителите ја бараа подолго време, како и решавање на улицата покрај паркингот пред ТППЕ Делчево во центарот на градот и реконструкција на улицата Македонска. За дел од улиците се спроведени јавни набавки, за останатите процедурата е во тек и очекувам за три месеци, доколку дозволат временските услови да се заврши со градежните работи, истакна Трајковски.