1-ви Мај, ден на трудот или неработен ден за скара ?

Виница, 01.05.017

 Пишува: Николина Атанасова, новинарка
Пишува: Николина Атанасова, новинарка

Ние младите на своја кожа ја немаме почувствувано моќта на синдикатите. За нив читавме само од книги и слушавме од паметни луѓе. Младите денес и не знаат кое е значењето на 1ви Мај, што всушност слават и зошто не работат.

Најлошото е што во ова време кога некој се бори за работничките прва и иницира или поттикнува штрајк, наместо да биде охрабрен и повеќето да го следат, често поттикнувачите се осудувани и принудени да трпат високи последици. На нив често им се заканува и бркање од работа. Од тој проклет страв и кога треба да се каже вистината многумина молчат и лажат.

Навикнати сме постојано да кукаме за своите права, а забораваме на нашите обврски. Постојано слушам жалби за лошата состојба на работниците и за платите од 200 евра. Сепак странските инвеститори со привилегии до небо, а домашните инвеститори сами нека се снаоѓаат да ги обезбедат истите плати.

„Нема пари“ често употребувана изрека, но сепак трендот мора да се следи. Целата таа работничка класа си двои од лебот, за на своите деца да им овозможи во нови тренерки да ги посетат атрактивните туристички места и да го одбележат денот на трудот за кој немаат поим што всушност значи. За нив 1ви Мај е само неработен ден за скара.

Многу ми е жал за луѓето во една виничка конфекција кои работеа без да им се плати трудот. Жал ми е затоа што некој се богатеше со нивната мака.  Сепак кога ќе разговарав со некоја од работничките и ќе ја прашав зошто не ја напушта работата, луто ќе ми се обратеше „Ти не разбираш дека моите деца ќе умрат за леб “, драга моја твоите деца секојдневно умираат за леб, додека некој друг се богати со твојата мака. По затварањето на оваа конфекција, сеуште им ги немаат исплатено платите, а набрзо повеќето од нив најдоа друга работа.

Вината не е во нив. Овие луѓе треба некој да ги организира, да ги поттикне, да ги заштити и мотивира да веруваат во својата иднина и да се борат за своите права. Не им е потребен лажен патриотизам. Некои од нив токму тој ги остава со празен стомак, а некои од нив ги уценува поради прејаденост. На кого всушност му сметаше работата на синдикатите? На кого му пречеше нивната моќ? На денот на трудот сетете се кои ги носел работниците и на пикник и на штрајк, а кој денес ја поседува целата моќ над ова општество.

И покрај сево ова зарем ви треба странство да сфатите дека можете да дадете отказ доколку не сте задоволни? Сериозни сте дека ви треба странство  за да сфатите дека можете да напредувате, да се надградувате и да ги менувате работните места доколку не ви се допаѓаат условите? Најважно од се е тоа што ви треба  сплотеност за да ги остварите вашите цели и да ги остварите вашите права. Нас токму тоа ни недостасува. Да научиме да се бориме сите заедно и да дејствуваме обединето, без да си ги вадиме очите со завист и љубомора.

Една мала искра пламти во овој мрак во која јас имам многу надеж. Искра во која доколку сите веруваме ќе имаме подобро утре. Работници да создадеме подобро утре за сите. Јас би сакала, а вие?